Неуморната пловидба на Тони Кукоч

Многу пензионирани НБА играчи, по кошарката се фатија за голф и тенис. Кога легендарниот шести играч на Чикаго Булс се повлече, до ден денес не игра ништо друго освен голф, спорт во кој стана државен шампион на Хрватска.

Младоста на Тони Кукоч

Роден на 18. септември 1968. година во Сплит, Тони Кукоч го поминал своето детство како и останатите деца во градот на Јадранското море. Татко му работел на бродоградилиште, а мајка му работела хонорарно во некоја канцеларија. Благодарение на убавата морска клима, малиот Тони најголемиот дел од времето го минувал надвор со другарите, на терените за фудбал. Но, ниту фудбал ниту кошарка не биле негова прва љубов. Кукоч најмногу го сакал пинг-понгот.

„Пинг-понг играв од осум до 12 години и станав младински шампион на Хрватска. Татко ми беше збудален по фудбалот и јас тренирав фудбал од 12 до 16 години. Потоа, летото пред 16. роденден, наеднаш израснав седум, осум сантиметри и одлучив да се фокусирам на кошарката", вели подоцна магичниот левучар на Чикаго Булс.

Сега е веќе извесно дека доколку Кукоч се одлучел за фудбал или пинг понг, на кошарката ќе ѝ бил украден еден од најдобрите играчи во нејзината историја.

Репрезентација на Југославија

Како репрезентативец на Југославија, Кукоч играше заедно со идните НБА играчи Дражен Петровиќ, Владе Дивац и Дино Раџа. Репрезентацијата на Југославија најславните денови ги имаше во нивно време. Од 1987. до 1991. Југославија ниту на едно големо натпреварување не била подолу од трето место.

Во 1988. Кукоч и другарите освоија сребро на Олимпијадата, потоа две Европски првенства по ред во 1989 и 1991(Кукоч МВП), а станаа и светски прваци во 1990 (Кукоч повторно стана МВП).

„Со сигурност можам да кажам дека репрезентацијата на поранешна Југославија со Владе, Дражен, Дино и мене беше најдобриот тим, по Дрим Тимот можеби најдобар состав во светот", вели Кукоч, кој подоцна со Хрватска ќе налета на Дрим Тимот на ЛОИ во Барселона.

Чикаго Булс и проблемите со Скоти Пипен и Мајкл Џордан

Поради неговата мека рака, лесна транзиција од одбрана во напад и одличните асистенции до соиграчите, Кукоч во Европа го доби прекарот „Келнерот".

4.775 километри подалеку од Сплит, во канцеларијата на Јунајтед Центар арената во Чикаго, Тони Кукоч му стана опсесија на генералниот менаџер на Булси, Џери Краус. Во 1990. година, Краус го одбра Кукоч во втората рунда од НБА драфтот. И без Кукоч, Булси веќе беа еден од најдобрите тимови во НБА лигата, со двајца идни членови на Куќата на Славните, Мајкл Џордан и Скоти Пипен, плус еден од најтрофејните тренери во историјата на НБА, Фил Џексон.

И покрај поразот од Детроит Пистонс во полуфиналето од Истокот во 1990. година, Биковите се вратија на сцена следната сезона и ја освоија првата од трите титули по ред. Чикаго имаше право на Кукоч, но и покрај тоа Тони продолжи да игра во Европа, а Булси играа добро и без него.

Проблем настана, кога Скоти Пипен, еден од најдобрите играчи во лигата беше само шести најплатен играч во Чикаго Булс со заработка од „само" 765.000 долари. Пред него поплатени беа Бил Картрајт, Стејси Кинг, Денис Хопсон и Хорас Грент. Со месеци траеше натегањето на менаџерите на Пипен со менаџерот на Булси, Краус околу зголемување на платата на Скоти.

Ситуацијата кулминираше кога Краус не сакал да даде 1,5 милиони долари по сезона за Пипен, туку сакал простор за Тони Кукоч во екипата. Тоа ги разбеснило Пипен, Џордан и останатите „бикови", затоа што Скоти веќе беше докажан НБА играч, а Кукоч уште не стапнал на некој паркет во САД.

На ЛОИ игри во 1992. година, Пипен и Џордан добија шанса да го исмеат европскиот миленик на Краус, Тони Кукоч.

„Се паднавме во групата и не очекував да отвориме баш против нив. Уште во втората четвртина нè здробија, а јас не знаев зошто ми се толку наапани баш мене", изјави Кукоч во серијалот за ЛОИ 1992.

Се надевам дека Скоти ќе ја земе снимката од натпреварот и ќе му ја прати на Џери (Краус) многу брзо. Но, сигурен сум дека Џери гледа од некаде", изјави Џордан по дуелот Хрватска - САД, а Пипен додаде: „Бев бесен пред натпреварот. Сакав да го искинам Тони Кукоч и да го посрамам, затоа што не можев да се борам против Краус на паркетот, туку само во канцеларија".

Новиот живот во САД и војната во Југославија

Кукоч одигра уште една сезона во италијанското првенство, во Бенетон пред да замине за Чикаго во сезоната 1993/1994. Ја остави европската кариера, каде беше најдобар кошаркар и замина за САД, да види од што е направен.

„Првиот ден кога слетав во Чикаго, се случи убиството на таткото на Мајкл Џордан. Третиот ден откако бев во Чикаго, Мајкл се повлече и така започна мојата НБА кариера", истакна Кукоч.

Со повлекувањето на најдобриот играч на светот од кошарката, Кукоч морал што побрзо да се адаптира на новиот живот, новата средина, новиот начин на игра, тренер и нови соиграчи.

„Не беше само кошаркарска промена, туку животна промена. Имаше многу патувања, летања во други држави и градови, а јас морав што побрзо да се навикнам на новата улога", додава легендарниот југословенски кошаркар.

Само што се адаптирал на новиот живот, Кукоч го затекна трагедијата на неговиот драг другар и соиграч, Дражен Петровиќ, кој загина во сообраќајна несреќа на 7. јуни 1993. година. Во исто време започна и балканската војна, земјата се подели, а во родниот град на Кукоч беше еден од главните фронтови во војната.

Конфликтот го наруши и односот на Кукоч со еден од неговите најблиските другари, Владе Дивац.

„Како што Дивац им помагаше на неговите, така и јас на моите. Не можевме да останеме блиски, затоа што траеше ужасна војна. Многу мои пријатели беа на првите борбени редови. Нашите семејства беа без топла вода, без струја. Ситуацијата беше крајно драматична“, изјави Кукоч тогаш за Чикаго Трибјун.

Односот со Фил Џексон и опсесијата кон голфот

Тренерот кој денес може да се пофали дека има 11 НБА трофеи, во своите најдобри денови беше познат како мошне тврд со помладите, руки играчите кои доаѓаат на сцена. За време на долгите патувања, Фил Џексон често знаел да им даде по некоја книга на кошаркарите. Така на Кукоч му дал некоја комична книга и го натерал да чита пред другите, за да се ослободи од јазичната бариера.

Веќе во првата сезона, како шести играч, Кукоч влегуваше во игра и во просек бележеше по 10,9 поени, 4 скокови и 3 асистенции. За најважен момент од неговата НБА кариера го смета дуелот со Њујорк Никс во полуфиналната серија во 1994. година.

При нерешен резултат 102-102, Фил Џексон го планирал последниот напад за Кукоч, што дополнително го изнервирало Скоти Пипен, кој барал да не го игра последниот напад ако тој не шутира. Хрватот го изведе токму тоа што се бараше од него, даде неверојатна тројка и Чикаго славеше против Никс.

„Можам да кажам дека еден од првите кошаркари на Чикаго што ме гушна е Скоти Пипен. Со него изградив одличен однос на и надвор од теренот и мислам дека тој немаше ништо против мене лично, туку против менаџментот на клубот. Еднаш кога добив шанса и покажав каков играч сум, сè се смени“, вели Кукоч за неговиот однос со Пипен.

Во моментов Кукоч живее во САД, каде најмногу е посветен на голфот. Во план му е настап на професионалниот шампионат на САД во голф, каде сака да докаже дека и левучарите знаат да играат добар голф.

Извор: Наратив.ли