Голден Стејт Вориорс го скрши мразот во финалето, откако синоќа пред своте навивачи во Оукленд го совлада Кливленд 104:89 (28:24, 24:19, 22:25, 30:21).) Решавачка беше серијата на Воините од 15:0 пред финишот на третиот период и почетокот на последната четвртина кога од 67:68 поведоа 82:68.
Кливленд на паузата меѓу двете полувремиња имаше негатива од девет поени, но во третиот квартал успеа да стигне па и да поведе. Најдобрите играчи кај домашните, Стеф Кари и Клеј Томпсон заедно постигнаа 20 поени, првиот 11 а Клеј 9. Како ретко кога во последните две сезони двајцата не форсираа шут за три поени, а играч на мечот беше Шон Ливингстон кој со 20 поени беше најефикасен кошаркар на Голден Стејт. Дрејмонд Грин уфрли 16 со 11 скокови (сите во одбрана).
Неочекувано добро одигра и Харисон Барнс, а Леандро Барбоса од игра шутираше 5/5. Кај Кавалирси Кајри Ирвинг, Леброн Џејмс, Тристан Томпсон и Кевин Лав беа двоцифрени. На кралот Џејмс му фалеше уште една асистенција за „трипл-дабл“ учинок затоа што постигна 23 поени со 12 скокови. Ирвинг беше најдобар стрелец на мечот со 26 поени а Кевин Лав уфрли 17 со 13 скокови.
Вториот меч од финалето се игра во ноќта меѓу недела и понеделник, повторно во Голден Стејт.