Орбан ја крева армијата да ја брани Унгарија од украински саботери

Премиерот Виктор Орбан предупредува дека нападите од Украина врз неговата земја нема да запрат на блокирање на руската нафта преку нафтоводот Дружба. Најави дека со војска и полиција ќе ја зајакне безбедноста околу критичните центри на инфраструктурата, за да спречи обиди на украински саботери да го загрозат енергетскиот систем на Унгарија.

Ќе распоредиме војници со сета потребна опрема за да ги одбиеме нападите во близина на клучните енергетски објекти. Полицијата ќе патролира со зголемени сили околу специфични енергетски централи, станици за дистрибуција и контролни центри, предупреди Орбан.

Тој објасни дека унгарските национални безбедносни служби откриле дека Украина подготвува „понатамошни акции за нарушување на енергетскиот систем на Унгарија“, откако веќе го запреа протокот на руска нафта преку нафтоводот Дружба.

Украина првично ја отфрли одговорноста за прекинот на Дружба. Тврди дека нафтоводот бил оштетен од руски напад со дронови на 27 јануари и дека не може брзо да биде санирана штетата. Но, завчера Украинците самите извршија напад врз Дружба, 1.200 километри длабоко на руска територија - погодија клучна пумпна станица со што ефикасно го спречија транспортот на нафта за Унгарија и за Словачка.

Како реакција, Орбан го активираше правото на вето во Европската Унија за да го блокира заемот од 90 милијарди евра за Киев, без кој Украина не може да ги изврши основните државни обврски. Унгарскиот премиер предупреди дека ќе ги блокира сите други мерки на ЕУ за помош на Украина сè додека не продолжат испораките на нафта.

Брисел се надева дека ќе го реши унгарско-украинскиот спор ако партијата на Орбан загуби на изборите на 12 април од опозицискиот блок Тиса на Петер Маѓар, кој според анкетите има блага предност во рејтингот.

Нескриената поддршка од Брисел за Маѓар му овозможи на Орбан да ја пренасочи предизборната кампања кон претставување на изборите како „егзистенцијална закана“ за Унгарија. Владејачката Фидес ги предупредува граѓаните дека партијата Тиса „ќе ја банкротира земјата, ќе ја вовлече во војната во Украина и ќе испраќа унгарски војници на фронтот“.

25 февруари 2026 - 15:38