На едно коло пред крајот од квалификациите, кога веќе и официјално знаеме дека Европското 2017 ќе го гледаме без нашите кошаркари, се заканува нов кошмар, а тоа е испаѓање во дивизијата Б, народски кажано втора лига на европската кошарка.
Такво сценарио македонската репрезентација ја очекува според новиот циклус квалификации на ФИБА. Во квалификациите за Светското во Кина 2019, ќе учествуваат 32 селекции од А дивизијата поделени во 8 групи. Во втората рунда ќе одат 24 репрезентации кои ќе бидат поделени во 4 групи со по 6 селекции. Првите две репрезентации од секоја група, односно 12 селекции ќе патуваат на Светското првенство во Кина 2019.
Во случај да загубиме утре од Унгарија, нашата кошаркарска репрезентација речиси извесно ќе испадне во Б Дивизија, црна дупка од која едвај излеговме во 2006. година. Што значи тоа?
Во Дивизија Б играат најслабо рангираните селекции од континентот плус оние кои одиграле најлошо во Дивизија А. Според новиот формат на квалификации, Македонија нема да има шанси да игра за пласман на СП 2019 во Кина, туку преку Дивизија Б во исто време ќе игра да се избори за Дивизија А и дури потоа да учествува во квалификации за ЕП 2021 кое веќе од следната година ќе се игра на четири години, наместо на досегашните две години.
Со оглед на тоа што при креирањето на крајниот пласман од квалификациите за ЕП 2017 не се земаат в предвид средбите со последнопласираните, во нашиот случај Луксембург, евентуалниот пораз утре против Унгарија речиси сигурно ќе значи пад во бездната. Главна причина за тоа се високите порази во пресметките со директните конкуренти, Унгарија и Велика Британија, поради што калкулаторите би биле главен инструмент за одредување кој ќе испадне во Б-дивизијата.
Тоа подразбира дека Македонија нема да игра квалификации за Светското во Кина 2019, туку ќе се обиде да се избори за влез во квалификациите за ЕП 2021 година.
Од ноември 2018. година и февруари и јуни 2019. година, Македонија ќе ги почне борбите за враќање во Дивизија Б. Таму ќе има четири групи по три репрезентации, а првопласираните ќе одат во следна рунда каде ќе играат против осум селекции кои испаѓаат од Дивизија А. И тогаш ќе се формираат четири групи со по три репрезентации. Најдобрите од секоја група се враќаат во Дивизија А.
Што е уште позагрижувачки: Репрезентацијата на Македонија до 16 години заврши 22-ра од 24 селекции на ЕП во Бугарија во Б Дивизијата. Селекцијата до 18 години на Македонија заврши како 16-та од 24 селекции на Европското одржано токму во Скопје, а кошаркарите до 20 години се 14-ти од 21 тим во Б Дивизијата.
Но не треба да заборавиме дека најдобрите сениорски селекции од Дивизија Ц влегуваат во Дивизија Б, а во Ц играат репрезентации како Шкотска, Албанија, Велс, Косово, Естонија, Молдавија, Кипар, Ирска, Сан Марино, Азербејџан, Ерменија, Андора, Ватикан...