Духовита анализа на Шпигл

Зошто Премиер лига се гуши во сопственото богатство?

Англиската Премиер лига е најдобра фудбалска лига на светот. Тоа го тврдат англиските навивачи, англиските новинари. Велат, на Островот се игра најдинамичниот и најдобриот фудбал.

Ако е тоа навистина така, мора да се постави прашањето зошто годинава во осминафиналето на Лига Европа Манчестер Јунајтед и Ливерпул во меѓусебен дуел одлучуваа само за тоа кого Борусија Дортмунд ќе елиминира во четвртфиналето, се прашува германскиот неделник Шпигл.
 
Ако англискиот клупски фудбал навистина е толку фантастичен, зошто на Арсенал против Барселона и на Челси против Пари Сен Жермен уште во осминафиналето на ЛШ им беше претешко? Зошто во периодот од 2005. до 2009. околу 60% од клубовите кои учествуваа во полуфиналето на ЛШ доаѓаа од Премиер лигата и зошто таа бројка опадна на денешните 10%?
 
И зошто шеикот Мансур бин Заед кој во 2008-ма го купи Манчестер Сити, го слави првото четвртфинале на неговиот тим во ЛШ, наместо да се фати за глава и да се запраша зошто за такво нешто беа неопходни повеќе од милијарда долари?
 

Англија е фантастична. Тоа не е спорно. Ни ја подари прекрасната Наоми Вотс и делата на Ник Хорнби. Има и страшен хумор. Како поинаку би го објасниле тоа што на Рики Џервајс му препуштија шоу на БиБиСи, а водењето на Лондон на Борис Џонсон?
 
Но најдобриот фудбал не се игра таму, секако.
 
Две работи се неоспорни - прво во Англија лежи парата. Повеќе од 9 милијарди евра ќе одат само на телевизиски права во Премиер во следните три сезони.
 
Бундеслигата и Цвајта (втора германска лига) кои секако не се баш сиромашни, во следните три сезони ќе донесат околу 817 милион идолари. Од 30 најбогати клубови на светот, дури 17 се од Премиер. Втор факт, еднакво очигледен - најбогатата и маркетиншки најсилната лига е неизвесна. Годинава шампион може ќе стане Лестер Сити, тим на кој никој не сметаше. Одлична работа за навивачие, новинарите, но и доказ за никаков квалитет на лигата.
 
Покажува колку се нестабилни, неконстантни и ранливи најјаките тимови во Премиер. Со должна почит кон ретко симпатичното момче, лига во која што германскиот стопер Роберт Хут е една од ударните сили на најголемото изненадување, никако не може да биде најдобра лига на светот.
 

Секако, за тоа постојат објаснувања: Низ тешката, непредвидлива и напорна лига која што изискува многу повеќе од онаа во Шпанија, Германија или Франција, англиската лига е навистина исцрпувачка. Шпанската лига е смешен настан, пишува Шпигл. Неодамна играа Реал Мадрид и Лас Палмас. Во бројки: 700 милиони долари вредни играчи против 30 милиони долари. Бугати против Дачија. И замислете Бугатите ја претрка Дачијата.
 
Во Франција од 11 најскапи играчи во лигата дури 10 играат за ПСЖ. „Светците“ станаа шампиони во средината на март и интересно прашање во францускиот фудбал би било дали Жан Пол Готје би ја освоил титулата како тренер со таков кадар? И колку возбудлива може да биде Бундеслигата во која играчите на Дармштад и Вердер Бремен намерно добиваат жолти картони за да го пропуштат гостувањето на Алијанц Арена во следното коло.
 
Ако е вистина дека напорите ги исцрпуваат тимовите во Премиер, зошто годинава ја почнаа Лигата на шампионите со пет порази во првите шест мечеви? Арсенал загуби од Динамо Загреб и Олимпијакос, Челси од Порто, Манчестер Јунајтед од ПСВ Ајндховен. Зар не би требало константното играње на највисоко ниво во домашната лига да биде основен предуслов да се биде меѓу најдобрите во Европа?
 

Не е работата во заморот. Во парите е. Или како што би рекол еден шпански тренер: „Се работи за СЕМ или стјупид инглиш мани“. За глупавите англиски пари. Не е никаква тајна дека менаџерите ширум Европа лупаат јаки цени кога некој англиски клуб прашува за трансфер.
 
Спортскиот директор на Борусија Менхенгладбах го потврди ова. Минатото лето, Хофенхај, за Бразилецот Роберто Фирмино доби неверојатни 41 милиони евра, Монако доби астрономски 50 милиони евра за 19-годишниот Марсијал од Манчестер Јунајтед за кого Пол Сколс рече дека е втор или трет избор за нападот.
 
Челси вложи 25 милиони евра во бекот на Аугзбург Рахман Баба кој практично не игра, но тагата ја лечи со банкарската сметка. Заработува страшни 5 милиони евра годишно. Англиските клубови купуваат како разгалени ќерки на московските олигарси. Премногу, прескапо и без никаква смисла. Квалитетот на играчите на Островот е добар, но не и најголем. Видете го само последниот избор за најдобар фудбалер на светот. Од 23 номинирани само петмина играат во Англија.
 
Типичното англиско решение со кое би требало да му се застане на пат на губењето чекор со најсилните тимови во Европа се состои во поголемото вложување во тренери. Велат Англичаните во разни дебати, Премиер не е тактички на највисоко ниво. Се игра интензивно, но безглаво, без тактика.
 

Јирген Клоп е таму, Гвардиола му се приклучува на лето, Мурињо нема долго да биде без работа, а за Томас Тухел веќе се распрашува пола Премиер лига. Но тоа нема да им помогне, барем не во краток рок, затоа што Сити, Јунајтед и Ливерпул не се сигурни во Лигата на шампионите за следната сезона.
 
Убавината на фудбалот е токму во тоа што не можат сите проблеми да се решат со пари. Купувањето одлични играчи не е едноставно, а купувањето цели екипи кои ќе играат на највисоко ниво е невозможно. Таквите тимови се развиваат постепено, па дури и во потполно комерцијализиран фудбал каков што е еденес неопходно е да имаш посебен менталитет, традиција.
 
Нешто што едни го нарекуваат Mia san mia, други Siamo la Vecchia Signora, а трети Més que un club. Некој би го нарекол душа. Порано англискиот фудбал имаше душа. Денешната Премиер лига ја изгуби.
 
Оригинален наслов во неделникот Шпигл: Tränentrocknen mit Kontoauszügen

Автор: Хуан Морено