Женското финале ќе се распродаде по грешка

Милиони навивачи на Борусија Дортмунд и Баерн Минхен аплицираа за влезници, а дел од нив биле пресреќни што си купиле ефтини карти за финале од Лига на шампиони кое ќе се игра во Лондон, но не приметиле дека станува збор за женското финале.

Во Германија и пошироко владее вистинска треска за влезници за финалето од Лигата на шампиони помеѓу Баерн Минхен и Борусија Дортмунд. Само на адресата на Борусија Дортмунд пристигнале над 500.000 барања за влезници за натпреварот кој ќе се одигра на 25 мај на стадионо Вембли во Лондон.

Многу од нив ќе останат разочарани затоа што од 80.000 седишта колку што ќе биде капацитетот на Вембли, УЕФА на двете екипи им додели само по 25.000 влезници.

Но некои од нив ќе бидат уште повеќе разочарани кога ќе дознаат дека купиле влезници за погрешно финале на Лига на шампиони кое ќе се одигра во Лондон.

Само 2 дена пред дуелот помеѓу Борусија Дортмунд и Баерн Минхен, на стадионот Стемфорд Бриџ во Лондон ќе се одигра и женското финале од Лигата на шампиони помеѓу Волфсбург и Лион, па многу навивачи по грешка на интернет купиле влезници за овој натпревар.

Влезниците за овој натпревар се движат од 6 до 12 евра, а за финалето помеѓу Баерн Минхен и Борусија Дортмунд од 70 до 400 евра, а кај тапкарошите цената достигна и до 1.800 евра.

19 мај 2013 - 10:03