На 15 јануари УЕФА ја објави симболичната репрезентација, односно најдобриот тим за 2019-та. Го составиле навивачите кои ги бирале најдобрите играчи.
Овојпат УЕФА направила нешто што светски познатите медиуми, во прв ред Дејли Мејл, го откриле и објавиле.
Спорни се два моменти од тимот на годината 2019 според УЕФА:
1. Зошто ултранапаѓачка формација 4-2-4 наместо досегашните традиционални 4-3-3 и 4-4-2?
2. Зошто баш сега менуваат формација? Да се сумира целата мината година во третата недела од новата година не е ли малку доцна?
Во четвртокот Дејли Мејл се повикал на своите инсајдери и одговорил на двете прашања.
Има верзија дека тимот на годината според УЕФА бил готово уште минатата недела, но УЕФА решавала еден проблем: во тимот не се нашол според гласовите најпопуларниот играч на светот - Кристијано Роналдо. Тој го зазел четвртото место во изборот за напаѓачи. После неколку дена мачење, УЕФА не нашла разумно решение, па се одлучиле да сменат формација во која ќе има место и за суперѕвездата од Јувентус.
За вакво нешто морале да го жртвуваат средниот ред од каде го извадиле најскромниот играч на светот, Нголо Канте, кој не кренал ни глас нит се побунил.
Во одговор на критиките, официјален претставник на УЕФА рекол „Тимот на годината се составува како резултат на достигнувањата на фудбалерите во натпреварувањата под закрила на УЕФА. Како резултат на тоа, во тимот се најдоа пет победници на Лига на шампиони и четири финалисти на Лига на нации (вклучувајќи и еден победник). Формацијата регуларно се менува, годинава тоа не е исклучок“.
Но сега неколку факти пред кои, како велат, и Боговите молчат.
Дали формацијата постојано се менува? Не баш. Во периодот од 2013-та до 2018-та тимот на годината според УЕФА пет пати бил во формација 4-3-3, а во 2017-та година формација 4-4-2.
Од 2012 година формацијата ја одлучувале навивачите сами, но сега УЕФА решава сама каква ќе биде. Симболичната екипа на годината се бира од 2001 година, а до 2012 година таа била во формација 4-4-2. Првпат се користи 4-2-4. Никогаш претходно не било.
Роналдо нема излезено од тимот на годината на УЕФА уште од 2007-ма година. Вкупно се нашол 14 пати во овој тим, првпат во 2004-та.
Според бројот на избор во тим на годината на УЕФА, Роналдо е лидер, следи Меси со 11 и Серхио Рамос со 8.