За Англичаните нема празник/делник

И додека во повеќето првенства веќе започнаа зимските паузи, а нашата фудбалска лига ја има една од најдолгите во Европа, за Англичаните нема ни празник, ни делник па само за новогодишните празници во рок од 8 денови ќе одиграат 3 кола.

Паузата во македонското фудбалско првенство требаше да започне на 9 декември и да трае 84 денови, се до 3 март следната година, но заради временските услови и одложувањето на натпреварот Напредок-Металург, фудбалерите на зимскиот одмор заминаа на 16 декември.

Од нас подолга пауза имаат само Босанците (од 25 ноември до 3 март, односно 98 денови), Црногорците (2 декември до 3 март, односно 91 ден) и Украинците (2 декември до 2 март, односно 90 денови).

Сите останати паузи во европските првенства траат пократко. Заради подобрите терени и временските услови, фудбалерите заминуваат на пауза само за време на божиќните и европските празници, а од цела Европа само фудбалерите од Англија и Шкотска празниците ќе си ги честитаат на стадион.

Како и секоја година, Англичаните традиционално ќе одиграат цело коло на денот по нивниот Божиќ, односно среда, 26. декември - денот кои тие го викаат "Boxing day".

Потоа во сабота и недела на 29. и 30. декември им претстои редовно викенд коло, а ќе паузираат само на 31. декември. Веќе на 1. јануари додека ние уште се трезниме, во 12:45 по локално време ќе започне натпреварот ВБА-Фулам, а подоцна ќе се одиграат и останатите натпревари од 21. коло во Премиер лигата.

За овој период од 8 денови Англичаните ќе одиграат 3 кола, а дури потоа им следува одмор од цели 10 денови.

21 декември 2012 - 12:55