Потеклото и фудбалскиот пат на Дибала

Во името на татко ми Адолфо

Гранатите во Втората Светска војна го натерале дедо му на Дибала од Полска спасот да го бара во Аргентина, земја во која во 1993. година ќе се роди малиот Јоја. По смртта на татко му решава да го исполни неговиот аманет еден од синовите да игра фудбал.

Красњов (Полска), Лагуна Ларга и Кордоба (Аргентина), Палермо и Торино. Не е лекција по географија, не е квиз. Тоа се етапите на една приказна која датира од поодамна, приказна која има потекло од ужасите на Втората Светска војна и стигнува до едно дете кое само сака да игра фудбал.
 
Иднината за семејството Дибала била во сериозна опасност од бомбите кој паѓале во едно рурално место на 70-ина километри од Краков, пред дедо Болеслав да се охрабри и со малку багаж да се спасува во Аргентина. Токму тој е најголемата мистерија во потеклото на Пауло Дибала. Европска крв, талент без граници. 

Семејството се преселило во Лагуна Ларга, во срцето на Аргентина, каде татко му Адолфо имал сон: Еден син му да биде фудбалер. Еден од оние кој ќе остане во историјата, можеби не како него, познат по прекарот Ел Чанчо (прасето). Не му тргнало со најстариот, Густаво и со Мариано кој поради носталгија не сакал да го напушта семејството а бил многу талентиран. И на крајот стигнал Пауло. Избраниот.
„Роден со топка меѓу нозете, од 4 години не престана да игра фудбал“, раскажува мајка му Алисија.
По неколку години талентот тргнува на пат. На 8 години Адолфо го возел со кола, но планираната пробата во Њуелс Олд Бојс не го убедила татко му: „Да останеме дома, верувај ми сине“. Пауло се облекол во црвено и бело, боите на дресот на Институто Атлетико Централ Кордоба каде добил шанса со децата.
Талентот се развивал брзо, непропорционално со висината. Подобро така, тешко можеле да го стигнат лизгачките стартови поради неверојатната брзина. „Давав по два или три гола по меч, но татко ми се лутеше поради грешките. И само поради неговата доблест стигнав во Серија А“, признава Пауло.

Но тато Адолфо заминал прерано за да го види синчето како доминира на светските терени. Дибала имал 15 години кога останал без татко.
„Татко ми сонуваше барем еден од трите сина да стане фудбалер. Не успеа Густаво, ниту Мариано и јас едноставно морав, за да ја исполнам неговата желба. Ме носеше на секој тренинг, еден час со кола од Лагуна Ларга каде што живеевме до Кордоба. Кога тато почина, побарав од клубот да ме врати дома. 6 месеци играв за тимот од моето место, а потоа се вратив во Институто. Веќе немаше кој да ме вози и да ме враќа од тренинг, па се преселив во клупските простории. Не беше лесно, останав сирак и семејството ми беше далеку. Се затворав во тоалет и плачев, но не се предадов. И знам дека денес татко ми е горд на мене“, изјави Дибала во една прилика.
Пресвртот се случува на 12. август 2011. година и дебито во втората аргентинска лига. Пауло имал 17 години, 8 месеци и 28 дена, детско лице и поглед како волците од Алјаска. Од тој ден па натаму, не застана: 17 голови на 40 натпревари, 8 во првите 12. За Маурицио Ѕампарини, претседателот на Палермо бил љубов на прв поглед: „Дибала е како Меси, верувајте ми". Некој му се смеел под мустаќи, но Ѕампарини реши да одвои 12 милиони евра: „Морав да прифатам, иако не ми се одеше, но на мојот клуб му требаа пари".

Сонувал за Бока Јуниорс или Ривер Плејт, но Пауло во еден момент се нашол на Сицилијанската земја. Јазикот му бил тежок, адаптирањето бавно и само 3 гола на 27 настапи во првата година во Серија А. Палермо испадна а Дибала во втората лига даде 5 голови во сезоната 2013/2014. Потоа следуваше препород. 13-те голови му ги отворија вратите на Јувентус.

Неговиот тогашен тренер во Палермо, Џенаро Гатузо кој го водеше од јуни до септември 2013-та изјави: „Секунда е доволна да сфатиш дека дечкото е од друга планета".

Токму во таа секунда Дибала ќе прелета преку противниците и ќе даде гол. „Ми потсеќа на Омар Сивори, има движење како Ел Кабезон, дава голови и игра за екипата", изјави Бепе Парота од Јувентус. На некој му личи на Меси, некому на Кун Агуеро.

Сезонава веќе има 12 голови и 10 асистенции во првенството, еден гол помалку од неговиот рекорд од минатата сезона. Сега прашањето се наметнува само: „Ако Погба кој дојде без обештетување а вреди 100 милиони, колку вреди Дибала кој е платен 40 милиони?

И покрај тоа, Јоја и натаму ќе го покажува својот раскошен талент на Јувентус Стадион, а за следната лекција по географија има време.