Викенд на дерби дуели во Европа

Предстојниот крај на неделата носи возбудливи натпревари во најквалитетните европски лиги. Градски ривалства во Англија и Италија, соседни дерби средби во Португалија и Германија.

СПОРТИНГ ЛИСАБОН - ПОРТО (петок, 21:30)

Историските ривали ќе се судрат за прв пат сезонава. Порто е трет на табелата со 11 бода, Спортинг има два помалку на шестата позиција. Во досегашните пет кола, „змејовите“ од Драгао имаат гол разлика 7:1, а тимот од Лисабон постигна 8, а прими 3 гола.

Овие два тима имаат одиграно 48 меѓусебни натпревари. Порто е во предност со 22 победи наспроти 13-те на Спортинг. Без победник завршиле 13 натпревари. 

На последните 6 натпревари меѓу Спортинг и Порто, „сините“ имаат 3 победи, Спортинг една (лани) а еден дуел завршил нерешено. И двата тима следниот вторник ги играат натпреварите од ЛШ, каде Спортинг го пречекува Челси а Порто гостува кај Шахтјор во Донетцк.

ЛИВЕРПУЛ - ЕВЕРТОН (сабота, 13:45)

„Црвените“ од Енфилд Роуд во подобро расположение го очекуваат големото градски дерби, откако во вторникот по серијата пенали го совладаа Мидлсброу во Лига купот. Евертон убедливо загуби од Свонси на гости (0-3) и тимот на Роберто Мартинез се прости од понатамошните натпревари во купот.

На табелата, после 5.кола Ливерпул е на 11-та позиција со шест бода, а Евертон има бод помалку на 14-то место. 

Градските ривали имаат 181 меѓусебен дуел, во кои Ливерпул има 71 победа, Евертон 52 а 58 средби завршиле без победник. Последните 2 меча изобилуваа со голови, при што Ливерпул победи 4:0 во вториот дел од минатата сезона. Првиот дуел на „Гудисон Парк“ заврши 3:3. 

Што се однесува до европските обврски, Ливерпул во среда му гостува на Базел во натпревар од ЛШ, додека Евертон патува во Краснодар во дуел од ЛЕ.

ШАЛКЕ - БОРУСИЈА ДОРТМУНД (сабота, 15:30)

Дербито на Рурската област ќе биде 85. натпревар меѓу Шалке и Борусија Дортмунд. Екипата од Гелзенкирхен викендов доколку победи, ќе има прилика да се израмни по бројот на победи со Борусија, која има 43 триумфи. Двата тима одиграле 25 нерешени натпревари, како што заврши и последниот, одигран во Дортмунд 0-0.

Шалке се наоѓа на 13. позиција во Бундеслигата со 5 бода, а во последните 5 натпревари има само една победа. Дортмунд има 7 бода на 8. место. 

Во вторник, Шалке го пречекува Марибор во ЛШ, каде ден подоцна Борусија Дортмунд ќе му гостува на Андерлехт.

АРСЕНАЛ - ТОТЕНХЕМ (сабота, 18:30)

Дербито на северен Лондон ќе се одржи по 160. пат. „Топџиите“ имаат 67 победи, а „мамузите“ триумфирале на 50 средби. Без победник завршиле 43 натпревари.

Последниот натпревар, на „Вајт Харт Лејн“ го доби Арсенал (0-1). Екипата на Арсен Венгер се наоѓа на четвртата позиција со 9 освоени бода, Тотенхем е деветти со 7 бода. Арсенал во среда го пречекува Галатасарај на Горан Пандев, а Тотенхем е слободен во Лигата на Европа.

САМПДОРИЈА - ЏЕНОВА (недела, 20:45)

Вкупниот број на меѓусебни дуели е 24. Џенова има 10 победи, Сампдорија 8, а 6 средби завршиле со реми. Последното градско дерби го доби Сампдорија, кога Џенова условно беше домаќин на „Луиџи Ферарис“.

Двете екипи добро ја почнаа сезоната и по три одиграни кола, Сампдорија е седма со пет поени, а Џенова е деветта со бод помалку.

25 септември 2014 - 10:35