Технологијата на гол-линијата ќе започне да се користи од декември, но фудбалот е далеку од воведување на видео технологија и снимките не смеат да се користат при донесување на одлуки. Тоа значи дека ако некој гол е постигнат на нерегуларен начин и тоа се гледа на видео снимка, судијата не смее да ја смени одлуката.
Но тоа правило најверојатно не го знае или не сакаше да го примени еден бразилски судија. На натпреварот помеѓу Интернасионал и Палмеирас, при водство од 2:1 за домаќините, Аргентинецот Хернан Баркос постигна израмнувачки гол.
Проблемот е во тоа што Баркос го постигна голот со рака, а тоа судијата и неговите помошници не го видоа. Сепак четвртиот судија и делегатот се консултираа со медиумите и откако виделе дека голот е нерегуларен, четвртиот судија му потшепнал на својот колега преку радио врска и по неколку минути тој ја смени својата одлука.
Оваа негова реакција ги налути гостинските фудбалери, а по натпреварот челниците на клубот побараа резултатот да се поништи и мечот да се преигра.