Нема шанси да прочитате друга ваква сторија во блиска иднина. Ферги си го стори своето во „Театарот на соништата" а за неговите грандиозни 26 години на кормилото на Манчстер Јунајтед се изнапишувавме. Ова е далеку подолга приказна, не е на исто ниво но вреди да се испочитува затоа што траеше половина век.
Се работи повторно за Премиер лигата, но не онаа каде играат европските гиганти, туку аматерска која е впрочем 11-ти ранг во Англија. Ватерлу Док од Ливерпул е тимот кој имаше еден ист предвоник во изминативе 50 години.
Клубот е основан во 1963 година од страна на луѓе кои работеле на пристаништето во Ливерпул. Теренот каде настапува се наоѓа во паркот Единбург во близина на пристаништето, но и не многу далеку од Енфилд Роуд. На кормилото веднаш седнува Џими Дејвис кој тогаш имал само 21 година.
„Порано клубовите им припаѓаа на фабриките и така беше полесно да се најдат играчи. Постоеше лига во која се натпреваруваа само тимови од фабрики, а лигата беше поделена во 4 дивизии. Сега е сосема различно, скапи се судиите и осигурувањето на фудбалерите, а изнајмувањето на терените е луксуз. Фудбалската Асоцијација се обидува да помогне во аматерскиот спорт, не тоа не оди баш најдобро", раскажува Дејвис.
За половина век работа тој има освоено 72 трофеи, а најголемиот успех го имаше во 2009 година кога успеа да го одведе тимот до финалето од сениорскиот Куп на градско ниво каде загубиле од резервниот состав на Ливерпул. Дејвис направи споредба и со славниот Фергусон со кој ќе останат запаметени дека се повлекле од фудбалот во иста година.
„Јас и Фергусон сме слични, тој во кариерата имал многу повеќе притисок за резултатите, но никогаш не требал да ги пере дресовите на играчите и да се занимава со слични такви работи", вели Дејвис.
Најдобриот играч на Ватерлу бил напаѓачот Џон Дарнин кој таму ја започнал кариерата, а во 1986 година направил трансфер во Ливерпул за сума од 500 фунти. Иако легендарниот Џејми Дејвис цел живот се занимава со фудбал во ист тим, вели дека се уште не е презаситен и дека и понатаму ќе ги гледа натпреварите на Ватерлу, но среќен е што ќе има повеќе време да и се посвети на својата сопруга.