За прв пат во историјата на македонскиот фудбал, шампионот беше крунисан дури во последното коло и тоа со натпревар на кој директно се соочија двата претенденти.
Вардарци ја имаа иницијативата уште од самиот старт и го срушија отпорот на Турново уште во 17-та минута со голот на Борче Маневски по асистенцијата на Хименез.
Во 33-та минута Хименез одлично се проби од десната страна но доби удар во лицето од Милушев и судијата покажа кон белата точка. Сигурен реализатор на најстрогата казна беше најдобриот стрелец во лигата, Јован Костовски кој го постигна 22-от погодок.
Трофејот го осигура Ацо Стојков со прекрасен волеј удар по проигрувањето на Костовски во 66-та минута.
Шпанецот Хименез уште еднаш асистираше на погодок, овој пат во 74-та минута кога во листата на стрелци се запиша и Филип Петров, а точка на натпреварот и потврда на шампионското издание на Вардар стави Ацо Стојков со неговиот втор гол во 78-та минута.
МПФЛ - 33 Коло:
Вардар - Хоризонт Турново 5:0
Брегалница - Металург 2:3
Дрита - Шкендија 3:1
Пелистер - Напредок 1:2
Работнички - Тетекс 3:1
Силекс - Ренова 2:2
За прв пат во историјата, во понизок ранг се сели екипата на Силекс, а друштво ќе им прави и Тетекс. Во баражот за опстанок ќе играат екипите на Пелистер и Дрита.