За мечот со Евертон, Манчестер Јунајтед во составот имаше дури 7 фудбалери од својата академија, а тројца заиграа од почеток. Традиција долга 82 години, на терен да се истрча со свое дете.
Сè почнало на 30 октомври 1937 година, кога против Фулам настапиле Том Менли и Џеки Восол. Од тој момент до денешен ден, Манчестер Јунајтед одиграл 4.000 меча и неверојатно: на секој од тие 4.000 натпревари во составот имало најмалку еден играч од својата школа.
Уште поневеројатно звучи фактот дека ниту еден тренер на Манчестер не ставал играчи од академијата во составот само поради продолжение на серијата. За оваа серија се дознало дури во 2013 година!
Целата работа ја открил писател и долгогодишен навивач на Јунајтед, Тони Парк, кога собирал материјали за книгата „Синови на Јунајтед“.
„Во ’70-те години живеев во Австралија и дедо ми периодично ми праќаше весник Saturday Evening Pink. Во еден број налетав на статија за младинскиот тим, мои врсници. Текстот ми влезе во душа. Во ’80-те се вратив во Англија и од тоа време редовно ги посетував натпреварите на младинците во Клиф (поранешната тренинг база на Јунајтед).
На почетокот на годините по 2010-та, заедно со Стив Хобин ја пишале книгата за „Безбиевите бебиња“ и младинскиот куп на Англија.
„Решивме да дојдеме до самиот почеток, до првите воспитаници во составот на Јунајтед. Тогаш за никаков интернет не стана збор, копав информации во библиотеките во Колиндејл и Ештон. За тоа сум како куче: ја глодам цека коска до крај“, вели Тони Парк.
Во еден момент тој го нашол дебитантскиот меч на Том Менли (декември 1931 година) и понатаму одел сезона по сезона.
„На почетокот на ’30-те години Јунајтед 3 години играл со деца од своја школа во првиот тим, а кога Том Менли пропуштил 3 меча, на тимот во 1937 година му се приклучиле деца од академијата: Џони Кери, Стен Пирсон, Џони Халон и Џеки Волсол“.
Серијата на Јунајтед не престанала до почетокот на војната - сезоната 1938/1939 била последна пред прекинот поради војните. Парк не го сметал прекинот периодот од 1939 година до 1945 затоа што клубот тогаш играл само пријателски натпревари или учествувал на аматерски турнири.
Од 1946 година серијата продолжила.
„Книгата излезе во 2013-та година, а до тој момент се собраа вкупно 3.700 меча по ред со играч од своја школа во првиот тим. Ги проверував бројките три пати“.
По тврдењето на Тони Парк, клубот официјално решил одново да ги прегледа сите податоци. Бројките биле апсолутно точни.
Авторот објаснил како ги сметал натпреварите: ги броел средбите во англиското првенство и еврокуповите, на списокот имало и учества на Суперкупот на Англија, Суперкупот ScreenSport (овој турнир се играл во сезоната 1985/1986 како алтернатива на еврокуповите од кои Англичаните беа санкционирани поради хулигански испади) и англо-италијанскиот Куп. На овој турнир од 1970 до 1973 и од 1976 до 1986 учествувале само професионални клубови.
Притоа Парк не ги сметал натпреварите во Купот Вотни - британски турнир кој се играл пред почетокот на сезоната но не бил под закрила на ФА па затоа авторот не го признал за официјален.
4.000 МЕЧА Е НЕВЕРОЈАТНА БРОЈКА
Ниту еден клуб на светот не е ни близу рекордот на Манчестер Јунајтед. Ајакс, пример, има фантастична серија од 1.755 меча по ред. Од 21 септември 1981 година холандскиот клуб одиграл само 21 минути без деца од своја школа. Атлетико Мадрид има уште поневеројатна серија: ниту една минута без дете од своја академија од 3 мај 1964 година!
„Во еден момент Евертон имаше околу 2.000 натпревари. Само уште Нотингем Форест има 1.000 меча по ред, но сите се далеку од Јунајтед. Би сакал да ја изучам Јужна Америка, но таму не ги чувале записите од сите натпревари“, продолжува Парк.
За малку серијата на Манчестер можела да прекина на 1 мај 2011 година. Во првиот состав за мечот со Арсенал немало ниту едно дете од своја академија, а на клупа седеле Овен, Валенсија и Бербатов кои не биле од школата на Јунајтед. Рекордната серија ја продолжил Џон О’Оши кој влегол од клупата.
Досега во тимот на Манчестер се свртеле 279 деца од нивниот извор. Сите знаат за Бекам, Невил, Сколс, Боби Чарлтон, Маркус Рашфорд, Лингард, Скот Мектоминеј. Другите играле по неколку пати во првите рунди на Купот и веќе не се појавиле.
42 воспитаници на Јунајтед ниеднаш не влегле во игра. Меѓу нив во Премиер лигата во составот на Лестер заиграа Дени Дринквотер и Метју Џејмс. Том Хитон имал дури и 3 настапи за Англија иако никогаш не дебитирал за Јунајтед.
Оле Гунар Солскјер вели дека клубот го цени овој подвиг.
„Горди сме на тие бројки. Тоа е во ДНК-та на Манчестер Јунајтед. Овој клуб стои на тоа дека за тимот треба да играат локални деца или играчи од академијата.
Играчите знаат и ја разбираат важноста на клубот. Први тие се добри луѓе. Второ, тие се добри фудбалери. Знаат што е потребно да станат играч на Манчестер Јунајтед.
Јас памтам како го сретнав малиот 7-годишен Мејсон Гринвуд во Клиф. Син ми тренираше исто таму. Веќе тогаш Мејсон се издвојуваше. А сега игра во првата екипа“, изјави Солскјер пред мечот со Евертон за еден од најдобрите напаѓачи во тимот во моментов.
А потенцијалниот репрезентативец на Англија за Европското 2020, на оваа тема вели:
„Во другите клубови воспитаниците не доаѓаат ниту до клупата за резерви, а да не зборам за прв состав. Во Јунајтед дури и не мора да се погледне клупата за резерви, ти точно знаеш дека таму ќе има свои играчи“, вели Гринвуд, кој против Евертон влезе од клупата и постигна гол за бод. Тој стана и најмладиот фудбалер на Јунајтед кој дал гол на „Олд Трафорд“ од 2009 година (на 18 години и 75 дена).
Маркус Рашфорд смета дека целата работа лежи во правилната работа на младинскиот систем.
„Не треба да заборавиме на заслугите на сите тренери. Се грижат за младите фудбалери од 12 години па нагоре. Тие од нас прават играчи за прв тим“.