Тинејџерот што го потопи Милан

Сигурно помисливте дека мора да е некоја грешка кога прочитавте „Сасуоло - Милан 4:3", башка и сите четири гола за домаќините постигнати од ист играч. Тоа дефинитивно не беше грешка. Тоа беше Доменико Берарди - новата надеж на Јувентус.

Мнгумина сметаа дека Јувентус се луди кога платија 4,5 милиони за ко-сопственост на млад и неискусен фудбалер од второлигашот Сасуоло, но сега се чини дека трансфер политиката на италијанскиот шампион уште еднаш се покажа како успешна. 19-годишниот Доменико Берарди веќе покажа повеќе од што се очекуваше од него.

Но не било отсекогаш така. Доменико започнал да игра за Козенца на 13 години. Тој бил превисок и преслаб за негова возраст и не успеал да остави посебен впечаток и да се пробие во својот тим.

Кога имал 16 години тој отишол на посета кај неговиот брат кој учел на Универзитетот во Модена и одиграл една партија фудбал со неговите пријатели. Доменико ги растурил постарите момчиња, па еден од нив веднаш го однел кај Лучијано Карлино - асистент тренер во младинскиот тренер на Сасуоло.

Карлино му дал шанса на пријателски натпревар и доволно биле само 20 минути за да го забележи неговиот талент.

„Доменико не остави без зборови. Тој беше феномен. Не чекав ни еден ден. Веднаш отидов кај спортскиот директор и му реков да му даде шанса на момчето. На спортскиот директор му беа доволни само 20 минути. Ме одведе на страна и ми рече дека сум во право. Доменико беше убедливо најдобар од сите на теренот", изјави Карлино.

Младиот Доменико веднаш се истакнал во Сасуоло и тренерот Еузебио Ди Франческо го промовираше во првиот тим. Високиот напаѓач постигна 11 гола и го предводеше Сасуоло до прв пласман во Серија А во историјата на клубот.

Италијанскиот шампион ги искористи блиските контакти со Сасуло и станаа ко-сопственици на младиот талент. Наместо да дреме на трибини, Јувентус го остави Берарди во Сасуоло на калење и не погреши.

На 14 натпревари Берарди оваа сезона постигна 11 голови, четири од нив против Милан. Берарди е единствениот тинејџер кој постигнал хет-трик во најсилните европски првенства оваа сезона. И тоа два пати (против Сампдорија и Милан).

Берарди е вториот најмлад играч кој постигнал четири гола во Серија А и прв тинејџер по Силвио Пиола во 1931-та година. Доменико Берарди е првиот играч кој успеал да му даде четири гола на Милан во Серија А. А 19-годишникот игра за Сасуоло!

13 јануари 2014 - 11:10