Во интервју за сајтот The Players Tribune, 20-годишниот шпиц на Манчестер Сити, Келечи Ихеаначо се наврати на тешкото детство во родната Нигерија каде не му било нималку лесно.
Неговиот пат до ѕвездите бил многу трновит.
Келечи е роден на третиот ден од октомври 1996. година во селото Обогве во реонот Охаџи Егбема кој потпаѓа под државата Имо во Нигерија. Растел многу сиромашно, а мајка му не сакала да слушне за неговата желба за фудбал и му бранела да игра.
„Мајка ми беше учителка и пазеше на моето образование. Стално ме тераше да учам и да читам книги, а кога ќе го слушнеше свирчето на тренерот кој не викаше на тренинг, секогаш се бунеше. Еднаш кога имав осум или девет години и кажав дека нема да одам на фудбал, а штом излезе од соба, скришно истрчав на улица. Игравме тој ден против постарите момци и еден од нив стартуваше грубо, а поради тоа што не игравме на трева туку на тврда земја паднав и се раскрвавир. Од болки не можев да одам, па тренерите ме однесоа дома. Кога ме виде мајка ми, знаев што ми следува. Обично бегав од неа, но тогаш ме болеше ногата. Добар ќотек добив тој ден“, искрено раскажува Ихеаначо, можеби најомилениот играч на Гвардиола во Сити.
Освен што било тешко да се игра со топка направена од кеси и чорапи, децата од родното село на Ихеаначи мака мачеле и со гледањето фудбал.
„Моите дома немаа телевизор, а во Нигерија и ден денес е многу скапо гледањето Премиер лига. Имаше едно место со сателитска антена коешто го викавме ’Центар за натпревари’. Тамо да гледаш фудбал се наплаќаше 15 центи, но јас немав пари па со другарите игравме пред центарот додека не заврши мечот и некој да излезе да ни раскаже што се случувало. Со години на тој начин следев што се случува во Премиер лигата и не ми е јасно од каде толкава страст за фудбалот кај мене“, додава Ихеаначи кој во моментов е еден од најдобрите напаѓачи токму во Премиер.
Но во неговото село не ги гледале само Манчестер Јунајтед, Челси, Арсенал или Ливерпул. Се гледал и пиринејски фудбал.
„Гледањето шпански фудбал беше нешто поевтин па можев повремено да си приуштам да гледам шпанска лига и секогаш штедев пари за средбите на Барселона. На прв поглед ја засакав играта на Меси. Секогаш кога играа Реал или Барселона во ’Центарот’ имаше голема гужва и луѓето се караа: ’Меси е најдобар’, а други одговараа ’Луд ли си, кај може Меси со Роналдо, Роналдо е подобар’. Таквите расправи често завршуваа со тепачки па затоа со другарите седевме позади и гледавме фудбал. За нас гледањето фудбал беше значајно затоа што не можевме често да си го приуштиме тоа“.
Првпат дознал со Манчестер Сити се запознал пред пет години, во 2012-та кога имал 15 години. Тогаш само сонувал дека еден ден ќе заигра со Серхио Агуеро.
„Го гледавме последното коло од Премиер лигата во кое Агуеро со гол во последните секунди му ја украде титулата на Јунајтед“, памети младиот шпиц.
Таа година сепак била многу тажна за Келечи.
„Неколку месеци после лудиот меч на Сити во последното коло добив повик да играм за репрезентацијата на Нигерија до 17 години. Ми беше голема чест да играм со постарите. Патувавме по цела Нигерија и се спремавме за натпреварите во тренинг кампови.
Еден ден добив вест дека мајка ми е болна. Не знаев колку е сериозно и затоа што во тие кампови работевме страшно напорно, не можев да отидам до дома да посетам. Беше тоа мојата животна шанса да направам нешто во фудбалот. Неколку недели подоцна, таа почина“, се сеќава корпулентниот Ихеаначи на најтажниот ден во неговиот живот.
Од тој момент почнала неговата борба со мислите.
„Тешко ми е да опишам колку ми беше тешко во тоа време и колку бев тажен, но морав да останам во кампот и да продолжам вредно да тренирам. Тоа беше моја животна шанса, без оглед што мајка ми се противеше за фудбалот, таа ме учеше никогаш да не се предавам. Секогаш ме тераше да се трудам најмногу што можам. Затоа и продолжив... Следната година Нигерија го освои Светското првенство за играчи до 17 години, а јас дадов пет гола на Мундијалот. Секој гол го прославував со кренати раце кон небото“.
После тоа Светско првенство веќе се било друго. Ихеаначи се нашол во тефтерите на многу скаути.
„Ме бараа Арсенал, Порто, Марсеј и уште неколку клубови, секако и Манчестер Сити чијшто повик го прифатив на совет на татко ми. Не бев сигурен дали е прав избор за мене и дали ќе играм ако одам таму, но тој ми рече дека верува во мене. Ми требаше време да стигнам до првиот тим преку младинската школа, но во септември го остварив сонот на секое дете. Излегов на теренот на „Олд Трафорд“ како стартер во дербито на Манчестер“, вели Келечи Ихеаначи.
И не само што играше туку и даде гол во триумфот 1:2 на Сити против градскиот ривал.
„Замслете, пред четири години не можев да си приуштам да гледам Премиер лига на телевизија, а сега дома луѓете во селото ме гледаа како давам гол за Манчестер Сити против Јунајтед. Можеби некое дете пред ’Центарот за натпревари’ чекал некој да му раскаже што се случило и тогаш слушнал ’Сити победи, Келечи даде гол’. Се надевам искрено дека со својот пример можам да покажам дека се е можно ако навистина сакаш да се оствари. Кога си одам дома од Англија, носам полна торба дресови на Сити. Ако отидете во Оверо, ќе видите еден куп деца кои играат фудбал на улиците во сини дресови“, ја заклучува приказната за тешкиот фудбалски пат, Келечи Ихеаначи.