Таљавенто призна за пеналот, Гарсија го толкува по свое

Непостоечкиот пенал на дербито Рома – Лацио сè уште се коментира во италијанските медиуми, а ист таков кога беше досуден против Рома, во корист на Јувентус, тренерот на Римјаните го коментираше како поклон.

Сликата од прекршокот на Џентилети над Един Џеко во 10 минута, кој е надвор од шеснаесетникот е топ тема во Италија и таа грешка на судијата и натаму прави огромен револт кај навивачите на Лацио.

Тренерот на Рома, Руди Гарсија вака го искоментира пеналот по мечот:

„Милиметри беа во прашање и не влијаеше тој момент на резултатот. Ако имаше контакт на коленото, беше на линијата. Преферирам да зборувам за играта, за фудбалот, а не за одредени ситуации“

Пред една година Јуве ја совлада Рома со 3:2, а италијанските медиуми го потсетија шпанскиот стратег што правеше и како коментираше ваков идентичен пенал кога беше оштетен неговиот тим.

„Интересно е да се види што тука во Торино шеснаесетникот е 17 метри. Сантиметрите се гледаат перфектно“, изјави Гарсија кој со „свирењето виолина“ му се обраќаше иронично на судијата со намера дека свири по нотите на Јуве.

По неделното дерби, спортскиот директор на Лацио, Игли Таре имал разговор со Таљавенто, а потоа заедно ја погледнале снимката од спорниот момент. Судијата ја признал грешката и се извинил.

Статистиките покажуваат дека Паоло Таљавенто е кошмар за Лацио. На 24 средби кои им ги судел победиле само 8 пати, 3 пати одиграле нерешено, а 13 пати загубиле. Во четири римски дербија им извадил три црвени картони и досудил три пенали против нив. 

По 13 години во Серија А, искусниот 43-годишен судија имаше и други спорни моменти при судењето. Фамозен остана голот на Мунтари кој не го призна на мечот Милан - Јувентус кога се одлучуваше титулата. Потоа на дербито Интер - Јувентус, Таљавенто направи грешка со офсајдот на Азамоа и не го исклучи Лихштајнер.

Таљавенто знае да погреши и во Европа, па така за само шест минути му даде два жолти картони на домашниот играч Ерера против Зенит, иако комисијата на УЕФА докажа дека вториот жолт картон бил непостоечки.

Годинава го гледавме на Филип Втори.

10 ноември 2015 - 10:26