Судија швалер

Фудбалерка во шпанското фудбалско првенство обвини судија дека ја поканил на состанок за време на мечот, на што му одговорила да си ја гледа свирката.

Судиите најчесто не се омилени во ниту еден спорт. Публиката понекогаш заборава дека и тие имаат право на грешка, но тоа што направил еден фудбалски судија во Шпанија отишло и надвор од рамките на фудбалот.
 
За време на мечот меѓу женските тимови Спортинг Уелва - Санта Тереза во Првата шпанска лига, судијата Сантијаго Кихада Алкон повикал една фудбалерка на Спортинг на состанок. Романката Елена Јулијана Павел изјави за шпанските медиуми:
„Ми се обрати вака: Еј смеѓа, да те носам на кафе после натпреваров. Му одговорив да продолжи да дува во таа негова свирка“, изјавила 31-годишната фудбалерка.
Подоцна Романката додала дека не чувствувала ништо друго освен срам и понижување и дека веќе никогаш нема да верува во фер плеј. Нејзиниот тим загубил 2:3, а таа подоцна го обвинила Алкон дека бил пристрасен и дека судел на штета на нејзиниот тим.
 
Судијата за време на мечот исклучил две фудбалерки на Спортинг, не досудил пенал и прерано досудил крај на мечот. Во меѓувреме од шпанската фудбалска федерација соопштија дека го следат случајот и дека ќе отворат истрага за да дојдат до заклучок дали имало неправилности во однесувањето на судијата швалер.
21 јануари 2016 - 14:59