Трансфер зделката падна летото 1995-та година. Палмеирас брои 10 милијарди лири (7 милиони долари), а Интер за возврат го добива 22 годишно момче кое потоа ќе стане еден од најдобрите леви бекови на сите времиња.
И да преминеме веднаш на главното. Карлос дебитира на меч против Виченца на 27 август и го решава на начин со кој потоа во кариерата ќе реши еден куп клубови и репрезентации.
Се мести на слободен удар и ја кова ниско како шајка од се разбира околу 30 метри, бидејќи него од 20 му е многу блиску. Потоа се појави пред новинарите (со коса) и изјави:
„По крајот на натпреварот дресот од мојот прв гол за Интер му го подарив на претседателот Морати, бидејќи тој тоа го заслужува. Се работи за мила личност, а и јас сум како него“.
Карлос настапи на 34 натпревари и постигна 7 гола, но неговата авантура заврши со само една подзаборавена сезона во Интер. Тиквата пукна меѓу него и Рој Хоџсон кој наместо бек, инсистирал да го игра на позиција крило.
Бразилецот зборувал со Морати за да се обиде да го реши недоразбирањето, но на крај се испоставило дека најдобро е да замине. Хоџсон го казнил при крај на сезоната и рекол дека е недисциплиран поради тоа што не ги слушал неговите тактички замисли, па му давал поголема минутажа на Алесандро Пистоне.
Во интервју за Марка, Карлос ќе изјави:
„Рој Хоџсон ме уништи. Ме стави да играм во средина. Така немаше да добијам шанса ниту да играм за Бразил, а во 1997-ма се играше Копа Америка. Не знаеше тој многу за фудбал. Зборував со Масимо Морати и побарав да си заминам“.
Интер така го испушти бекот кој направи блескава кариера и стана еден од најдобрите во светот. Историјата во Реал ви е веќе позната. 11 сезони – 13 трофеи од кои три во ЛШ и четири во Ла Лига.
Роберто Карлос одигра 584 меча за Кралевите и постигна 71 гол. Со 370 настапи во Ла Лига му го сруши рекордот на Алфредо Ди Стефано кој меѓу странците до тогаш беше прв во Реал.