Паралелно со финалето во Купот на Италија на Олимпико во Рим, пред стадионот Диего Армандо Марадона во Наполи се појави транспарент кој Кориере дело Спорт го опишува како шокантен.
„16.10.2021: Спалети, ќе ти ја вратиме Пандата, ама ако си одиш“.
Пораката се однесува на кражбата која му се случи на Спалети лани на 16 октомври, кога непознати лица му го украле автомобилот кој му бил паркиран пред хотелот во Неапол каде престојува.
Според италијанските медиуми, паролата е само продолжение на незадоволството на навивачите од резултатите на тимот оваа сезона.
На денот на одигрување на последниот меч дома против Сасуоло тие го гаѓаа клупскиот автобус со јајца, а потоа му доставиле јајца на Инсиње во картон за да ги подели на цел тим.
Наполитанците имаа импресивен старт со 8 победи по првите 8 кола и беа постојано во трка за Скудетото заедно со Интер и Милан. Чекорот го загубија минатиот месец кога влегоа во лоша серија и освоија само еден бод на трите дуели по ред против Фиорентина, Рома и Емполи.
Покрај губењето на сите шанси за титулата на која се имаат радувано само два пати во историјата, а тоа се 1987-ма и 1990-та предводени од Марадона, сезонава останаа без ниту еден трофеј.
Во Купот на Италија беа елиминирани во осминафиналето од Фиорентина, а во Лига Европа ја поминаа само групната фаза, а потоа беа исфрлени во плејофот од Барселона.
Кога пред два дена одбележаа 35 годишнина од првото Скудето навивачите имаа истакнато транспарент:
„10 мај 1987-ма, пред 35 години имаше други играчи, други вредности. Сега ги чуваме само боите“.
Единствената утеха им е пласманот во ЛШ како трети на табела на две кола до крај.