Шпанија 2016 статистички за 57% ја повтори Шпанија 2014. Шест играчи кои истрчаа вчера против Италија играа и против Холандија 2014-та. Зборуваа за потребата од подмладување и свежа крв, а старосниот просек на репрезентацијата падна само од 27,8 на 27,6 години. И што е најважно стилски не видовме ништо фундаментално ново.
Шпанските новинари потенцирале неколку прашања до Дел Боске за стратешкиот план: Зошто на ЕП 2016 не патуваа Иско, Саул, Денис Суарес, Сержи Роберто, Пако Алкасер? Зошто Габи не доби шанса да ја демонстрира врвната игра од Лигата на шампионите?
Неизбежни биле и прашањата на тактички план: Зошто Дел Боске 4 меча играл со иста композиција, ист состав без било каква ротација на играчите? Зошто потполно ја игнорирал слабата форма на Хуанфран и зошто неговото место не го добил Азпиликуета? На средината зошто немало место за Коке и Тиаго Алкантара?
Со два добри резултати на стартот од турнирот, Шпанците само ги замаскираа сите проблеми во последните години. На Европско првенство едноставно немаш време да го процениш тимот во разни ситуации.
„Најсмелата" одлука на Дел Боске, ако така може да се каже е тоа што го замени Касиљас со Де Хеа и го викна ветеранот Адуриз поради што беше под огромен притисок од јавноста. Тој одговараше дека првата титула за Шпанија во поновата историја стигна благодарение на тренерската тврдоглавост и храброста на легендарниот Арагонес кој не го викаше миленикот на нацијата Раул и го натурализираше Маркос Сена.
Класичната фраза „тимот што победува не се менува" секогаш е некако излитена. И дефинитивно е недоречена кога Шпанија е во прашање
За нив важи „тимот што победува не се менува, но така веќе нема да победува".