Неодамна ве запознавме со еден од најзаслужните за историскиот пласман на Исланд во баражот за Светското првенство во Бразил, а тоа беше репрезентативниот голман кој всушност е режисер. Но сега ја имаме приказната за еден поранешен селекторот кој најдобро знае што би значело учество на еден Мундијал за оваа земја.
Пензионираниот сратег Тони Неп не е познато тренерско име затоа што работел како тренер во ниски лиги, а најголемиот клупски успех му е шампионска титула во Норвешка со тимот на Викинг.
Тој бил разочаран што бил заобиколен од големи европски клубови, па му се отворила шанса да работи во Исланд. Како Англичанец, по завршувањето на војните не бил баш пречекан со симпатии, но по остварените резултати си создал голема репутација.
Селекцијата на Исланд ја водел во два наврати, најпрвин во период од три години во 1974, а потоа во 1984 година. Но целиот тим бил составен од аматери, а со многу работа и тренинзи Неп успеал да ги подготви играчите и за меѓународни натпреварувања.
„Во тоа време најважната работа во Исланд беше риболовот од кој речиси сите живееа. Селекторската функција ја извршував за годишна плата од 6.000 евра. Не можам да ви опишам од колку мали места гледав и скаутирав играчи за во репрезентацијата", раскажува 77 годишниот Англичанец.
Во тимот на располагање имал само еден професионален фудбалер, а најголемата сензација ја направил кога на квалификациски меч за Европско првенство славел над Источна Германија, селекција која пак една година претходно во групната фаза го победила светскиот шампион Западна Германија на Мундијалот во 1974 година.
„Фудбалерите како да не беа свесни за успехот. Не знаеа да се носат со тоа и насекаде каде што патувавме одеа како засрамени со наведнати глави. Се однесуваа многу културно, а кога на едно патување во Париз им реков дека ако и тука победиме ќе си поднесам оставка, мислеа дека сум полудел", вели поранешниот селектор на Исланд.
Поради малиот буџет во федерацијата Неп одел само еднаш во годината да следи натпревар од групната фаза во квалификацискиот циклус во кој се натпреварувале, а успешната работа ја крунисал со медал на честа како прв странец кој се закитил со такво признание.
Доколку селекцијата на Исланд успеа да ја победи Хрватска и да направи историски пласман на Светското првенсто во Бразил, тој смета дека тоа ќе биде кулминација на 40 годишната работа на упорните Исланѓани.