Депортиво Ла Коруња и Гранада обезбедија опстанок во шпанската Примера со 35 бодови, најмалку откако победата се бодува со три бода.
Во последните 17 сезони во Шпанија, околу 41 бод во просек бил доволен за една екипа да го избегне испаѓањето во понизок ранг. Сезонава седум екипи од дното на табелата имаа помалку од овој просек: Леванте (37 бодови), Гетафе (37), Депортиво (35), Гранада (35), Еибар (35), Алмерија (32) и Кордоба (20).
Неколку познати екипи кои испаднаа во претходните сезони, годинава би биле далеку над зоната за пад во втората лига. Во 2013-та Мајорка освои 36 бодови, во 2012 Виљареал имаше 41 поен, Депортиво во 2001 43 бодови, па дури и Атлетико Мадрид пред 15 години, кој испадна од лигата иако собра 38 бодови.
Големата разлика меѓу малите и големите клубови не се почувствува сезонава. Барселона и Реал Мадрид завршија со помалку од 100 бодови (94 Барса, 92 Реал). Најголеми промени имаше кај местата што водат во Европа. Сите екипи собраа повеќе од 70 бодови (Атлетико 78, Валенсија 77 и Севиља 76), нешто што не се случило одамна во Ла Лига.
Факторот на изненадување не беше толку присутен како изминатите години, па од условно помалите клубови Барса загуби два пати на Камп Ноу, Реал еднаш на Бернабеу, Атлетико 2 пати на Калдерон, Валенсија еднаш на Местаља како и Севиља на Санчез-Писхуан.
Во споредба со останатите европски лиги кои имаат по 20 тимови, шпанските екипи се спасија со помалку бодови. Во Англија Астон Вила обезбеди опстанок со 38 бодови, во Италија Аталанта се спаси со 37 бодови (има уште едно коло) и Тулуз во Франција со 42 поени. Херта Берлин обезбеди опстанок со 35 бодови, иако Бундеслигата брои 18 клубови.