Вејн Руни имаше само 19 години кога Манчестер Јунајтед загуби во финалето на ФА купот против Арсенал во 2005. година. Тоа беше едно од најчудните финалиња во ова натпреварување, затоа што Јунајтед имаше 12 шутеви во рамки на голот, а Арсенал само четири. „Ѓаволите“ имаа 12 корнери, а „Топџиите“ само еден, но на крајот вториве се радуваа на пехарот, освоен на пенали 5-4 на Милениум во Кардиф.
Една деценија подоцна, истите ривали ќе се сретнат во 1/4 финалето на ФА купот на Олд Трафорд. Во својата ФА Куп кариера, Вејн Руни дал 18 голови на 32 натпревари, играл полуфинале и финале на Вембли, но никогаш не го освоил трофеот, кој на Трафорд недостасува уште од 2004. година (триумф против Милвол).
Трофејот од ФА купот е единствениот домашен што му фали на Руни. Тој загуби во финалето против Арсенал во 2005-та и против Челси во 2007-ма. Манчестер Јунајтед осум години не играл во финале на ФА. Јунајтед ги губеше и полуфиналињата против Евертон во 2009 и Ман. Сити во 2011.
Руни не играше на ниту еден од тие натпревари, затоа што против Евертон Фергусон го одмораше, а против Сити беше казнет, бидејќи претходно пцуеше во камерата.
„Кога бев мал сонував како го кревам трофејот во ФА купот, но уште не сум го остварил сонот. Мислам дека ова е таа година.“, напиша Руни на Фејсбук после победата над Јеовил Таун во јануари.
Дебито во ФА купот, Руни го имаше пред 11 години, кога со Евертон испадна од Шрузбери Таун. Во последните шест сезони, Руни отсуствуваше на пет од шесте испаѓања на Манчестер Јунајтед од ФА купот.
Вечерашната средба Ман. Јуанјтед - Арсенал не е само четвртфинале од ФА купот, туку и повеќе од тоа, затоа што двете екипи во првенството ќе се сретнат на 16. мај на Олд Трафорд. Евентуална победа дополнително би мотивирала една од екипите во меѓусебната борба за место кое води во ЛШ.