Роналдо стана најдобар стрелец во историјата и му донесе Суперкуп на Јувентус

Кристијано Роналдо (35) постигна гол во триумфот на Јуве од 2-0 над Наполи во Суперкупот на Италија и го надмина апсолутниот рекордер Јозеф Бицан на вечната листа најдобри стрелци на сите времиња.

Голот синоќа против Наполи во 64' минута официјално е 760-ти вкупно во клупската и репрезентативната кариера на Португалецот. 

Squawka и други извори синоќа објавија дека Роналдо го надминал Јозеф Бицан, некогашен центарфор на репрезентациите на Австрија и Чехословачка кој дал 759 гола и повеќе децении го држеше светскиот рекорд а зад него беше Пеле со 757.

Јувентус го победи Наполи за кого од 67' минута заигра Елиф Елмас (влезе наместо Бакајоко), иако Наполитанците лесно можеа да го израмнат резултатот но во 80' минута Лоренцо Инсиње промаши пенал.

Тоа го казни Алваро Мората со гол буквално во последната секунда за 2-0 и големо славје на бјанконерите.

Но има и такви кои тврдат спротивно за рекордот на Кристијано.

Пример според организацијата Rec.Sport.Soccer Statistics Foundation која се занимава со статистика: Бицан постигнал 805 гола, а долги години зад него се легендарните Ромарио 772 гола и Пеле 767.

31 ТРОФЕЈ ВО КАРИЕРАТА НА РОНАЛДО

Неверојатниот Кристијано со триумфот над ривалот Наполи во Суперкупот, го подигна 31. официјален пехар во својата богата кариера.

Спортинг Лисабон: 1 Супер Куп
Манчестер Јунајтед: 1 Лига на шампиони, 3 титули во Премиер лига, 1 ФА Куп, 2 Лига Купа, 1 Комјунити Шилд, 1 Светско клупско првенство

Реал Мадрид: 2 титули во Ла Лига, 2 Копа дел Реј, 2 Суперкупа, 4 Лига на шампиони, 2 Суперкупа, 3 Светски клупски првенства

Јувентус: 2 скудета во Серија А, 2 Суперкупа

репрезентација на Португалија: Европско првенство (2016), Лига на нации 2018/2019.