Реал не се намачи, Роналдо се посрамоти

На одложениот натпревар заради саботажа на осветлувањето, Реал Мадрид славеше рутинска победа на гостувањето кај Рајо Ваљекано. Кристијано Роналдо постигна гол од пенал, но од овој натпревар ќе остане запаметено едно негово огромно промашување.

По пет одиграни кола во шпанската Примера, екипата на Реал Мадрид ја забележа само втората победа и прва на гостински терен оваа сезона.

Мадриѓаните поведоа уште во 13-та минута кога по еден брз напад и лоша реакција на домашниот голман Рубен, Карим Бензема успешно ја заврши акцијата за водство на гостите.

Фудбалерите на Реал Мадрид до полувремето можеа и да го зголемат водството, но свои шанси имаа и домаќините.

Екипата од предградието на Мадрид имаше подобар старт на второто полувреме, а Реал се закануваше од контри. При еден таков напад Бензема по втор пат ја затресе мрежата на Рајо, но судијата го поништи овој погодок заради офсајд.

Во 70-та минута Кристијано Роналдо се проби во шестнаесетникот, а еден од домашните дефанзивци играше со рака, па судијата покажа на белата точка. Португалецот беше сигурен реализатор на најстрогата казна.

Но веќе во следниот напад тој навистина се посрамоти. Игуаин се проби по десната страна и додаде до Роналдо кој се наоѓаше сам пред празен гол и наместо по втор пат да се запише во листата на стрелци, тој успеа да ја погоди пречката.

На самиот крај од натпреварот Рајо остана и со фудбалер помалку откако Касадо заработи втор жолт картон.

24 септември 2012 - 22:49