Реал Мадрид го симна Баерн од тронот

Реал Мадрид е првиот финалист во најелитното европско клупско натпреварување откако го симна од тронот актуелниот шампион Баерн Минхен со висока победа на Алијанц арената.

Баерн Минхен - Реал Мадрид 0:4 (0:3)
Рамос 16, 20, Роналдо 34, 90

Европа ќе добие нов клупски фудбалски шампион, а тоа ни стана јасно уште по првите половина час од реванш дуелот меѓу Баерн Минхен и Реал Мадрид.

Серхио Рамос стана првиот дефанзивец во историјата на Лигата на шампиони што успеал да постигне два гола во полуфинале, а тоа му успеа по само 20 минути.

По 34 минути игра и една контра која ја повлече Бејл, Кристијано Роналдо го постигна 15-от погодок во Лигата на шампиони и стана рекордер на натпреварувањето по бројот на голови во една сезона.

Во второто полувреме домаќините се обидуваа да стигнат барем до почесен погодок но наместо тоа тие добија уште едно парче во нивната мрежа. Апсолутниот рекордер Кристијано Роналдо ја завери елиминацијата на шампионот со гол од слободен удар во последната минута за конечни 0:4.