Реал-Јунајтед и Милан-Барса во осминафиналето

На денешната ждрепка во седиштето на УЕФА во Нион беа извлечени паровите за осминафиналето на Лигата на шампиони. Најинтересни натпревари во нокаут фазата ќе бидат дуелите Реал Мадрид - Манчестер Јунајтед, Милан - Барселона и Арсенал - Баерн.

Во нокаут фазата на Лигата на шампиони се квалификуваа 16 екипи од 9 различни држави. Првопласираните екипи од групната фаза на првите натпревари им гостуваат на второпласираните, а во осминафиналето не можеа да бидат извлечени екипи од иста држава и екипи кои се сретнале во групата.

На патот до финалето на Вембли на 25 мај, уште во осминафиналето ќе бидат елиминирани неколку гиганти. Во нокаут фазата ќе се сретнат Мурињо и Фергусон, а на Олд Трафорд ќе се врати Роналдо. Во реприза на минатогодишното четвртфинале ќе се сретнат Милан и Барселона, а финалистот Баерн Минхен ќе игра со Арсенал. Најлесен противник доби Јувентус кој во осминафиналето ќе игра против Селтик.

На полудиригираната ждрепка беа извлечени следните парови:

Галатасарај - Шалке
Селтик - Јувентус
Арсенал - Баерн Минхен
Шахтар - Борусија Дортмунд
Милан - Барселона
Реал Мадрид - Манчестер Јунајтед
Валенсија - ПСЖ
Порто - Малага

Првите натпревари ќе се одиграат на 12, 13, 19 и 20 февруари, а реваншите се закажани за 5, 6, 12 и 13 март.

20 декември 2012 - 11:51