Реал ги сруши најдобрите, а Борусија најлошите рекорди

Од најсилните првенства кои имаат зимска пауза, фудбалерите на Баерн Минхен, Реал Мадрид, Јувентус и Олимпик Марсеј со победнички дух ќе ја дочекаат новата година. Барселона и ПСЖ треба да работат на грешките, а Борусија Дортмунд да научи како се победуваше.

ПРИМЕРА

Реал Мадрид

Со бод предност зад Барселона, „Кралскиот тим“ е лидер во Примера. Го поставија шпанскиот рекорд од 22 победи по ред, а сезонава веќе имаат и два трофеи. Европски Супер куп и Светско клупско првенство. Групната фаза во ЛШ ја минаа со 100% учинок од шест победи.

Кристијано Роналдо ја продолжува својата мисија да докаже дека и оваа година е најдобар фудбалер во светот, а досега на 14 меча во домашното првенство има постигнато 25 голови.

„Анчелоти создаде фамилијарна атмосфера и заедно со неговите познавања на тактички план, мислам дека менталитетот на оваа фамилија е многу важен за нас“, изјави претседалотет Флорентино Перез.

Барселона

Откако минатата сезона ја завршија без трофеј, апсолутно неприфатливо е за Каталонците втора сезона по ред да им помине без да подигнат златен пехар.

Барселона има одлична основа да биде уште подобра наредната година. За сега ја има најдобрата одбрана која прими само 7 голови на 16 меча, но ќе мораат да бидат поуспешни во реализацијата. 41 даден гол или речиси во просек по 3 на натпревар не е доволно за да се биде пред Реал Мадрид.

Кристијано Роналдо има постигнато само два гола помалку од триото Меси-Суарез-Нејмар заедно.

„Треба да подобриме многу работи за да се качиме погоре на табелата, но тоа не можеме да го сториме со волшебно стапче, туку со многу труд“, изјави тренерот Луис Енрике.

БУНДЕСЛИГА

Баерн Минхен

Комплетна доминација е вистинскиот опис за тоа што го сторија Баварците во првиот дел од сезоната. Имаат 11 бодови повеќе од второпласираниот Волфсбург, собраа 45 бодови по 17 кола и примија само четири голови. Сите три податоци се рекордни во Бундеслигата.

„Првиот дел од сезоната помина добро, но ние можеше уште подобро“, изјави Пеп Гвардиола.

Борусија Дортмунд

За прв пат во историјата на Бундеслигата ланскиот второпласиран тим, а инаку и финалист во Лигата на шампионите од 2013-та, зимската пауза ќе ја мине во зоната на испаѓање. На Борусија тешко им е во нападот без Роберт Левандовски. Имаат постигнато само 18 голови на 17 меча.

„Милионерите“ имаат многу проблеми и со повредени играчи, а до сега во домашното првенство загубија 10 меча. Тоа е најмногу до сега во ерата на Јурген Клоп.

„Секоја критика која е наменета за нас е оправдана. Идиоти сме“, изјави Клоп.

ЛИГА 1

ПСЖ

Актуелниот француски првак има слаб старт со шест нерешени средби по првите девет кола, а Олимппик Марсеј влезе во победничка серија од шест меча меѓу Октомври и Ноември.

Златан Ибрахимовиќ се повреди и пропушти шест натпревари. За сега има постигнато 8 голови, а претходните две сезони даде 57 голови.

„Нашиот недостаток на ритам од почетокот на сезоната беше евидентен и на последниот натпревар за оваа година против Монпеље. Сами сме виновни и за недостатокот на борба на средина од теренот, а тоа ни недостасува и на работ од шеснаесетникот“, изјави Лорен Блан.

Олимпик Марсеј

Аргентинскиот стручњак Марсело Биелса летоска седна на кормилото на Марсеј и од шестопласиран тим минатата сезона, направи екипа која е сериозен кандидат за титулата.

Марсеј на изминативе девет кола има три порази, а во моментов е лидер на табелата со три бода зад бранителот на титулата.

„Изминативе пет месеци играчите дадоа многу и затоа победата и лидерската позиција во 2014 година за нив е подарок“, изјави Биелса.

СЕРИЈА А

Јувентус

Заминувањето на Антонио Конте кој им донесе три последователни титули во Серија А, за сега не се приметува по резултатите на Јувентус. Масимилијано Алегри ја има лидерската позиција на зимската пауза со три бода за Рома.

Јуве ќе атакува на четвртото Скудето во низа и ќе ја брка извонредната серија на Интер кој од 2006 до 2010-та славеше пет години по ред. 21 годишниот Пол Погба царува на терен, а во нападот го имаат Карлос Тевез кој е прв стрелец во Серија А со 10 голови.

„Имам среќа што тренирам група на фудбалери кои сакаат само да победуваат“, изјави Алегри.

Рома

Французинот Руди Гарсија во неговата прва сезона во Рома стартуваше со 10 победи во низа во Серија А. Но со тоа постави само рекорд во првенството, а на крајот неговиот тим заврши втор со 17 бодови помалку од Јувентус.

Оваа сезона се очекува трката за титулата да биде понеизвесна. Франческо Тоти се уште добро се држи на терен со своите 38 години, а Гарсија го има и одличното засилување од Арсенал, Жервињо, како и Љаиќ и Дестро кои се во врвна форма.

„Силно верувам дека можеме да го освоиме Скудетото. Му кажав на Тоти дека сакам да освојам нешто со него и дека тој не може да ја заврши кариерата без да освои уште една шампионска титула.

29 декември 2014 - 13:44