Севиља со времето сменила неколку локации: Ла Тринидад, Меркантил, Ла Викторија и Естадио де Нервион. Конечно во 1958. година Естадио Рамон Санчез Писхуан бил довршен во луксузниот крај од градот, Нервион. Овој дел е центарот на комерцијалноста и бизнисот.
Популацијата која навива за Севиља е претежно лево-ориентирана, а лево-ориентирани идеали носи и навивачката група Бирис Норте која важи за една од најорганизираните ултрас групи во земјата. Сепак не одело сè така подмачкано низ историјата како во последниве 20 години. Единствената освоена титула во 1946 и Купот освоен 1948. година биле последните трофеи после кои следува суша од 59 години.
Во 2000. година Севиља одново испаѓа во втората лига и тогаш се случува одлучувачкиот момент за пресврт. Клубот го поставува поранешниот голман Рамон Родригез Вердехо (познат како Мончи) на позицијата спортски директор. Сите го сфатиле овој потег како дел од најавата за кратење на трошоците и штедење на буџетот.
Мончи - кој целата кариера ја поминал во клубот за кој како резервен голман забележал 85 настапи за 11 сезони добил две задачи: да ја развие младинската школа и да рашири скаутинг служба надвор од Шпанија. „Волкот од Севиља“ (‘El Lobo de Sevilla’) набрзо се фатил за работа и основал мрежа од околу 700 скаути ширум светот.
На стадионот често ќе го најдете во неговата канцеларија на која стои негова слика со Диего Марадона кога асот играше во Севиља, период во кој Мончи бил најмалку важна личност во клубот. „Бев последниот мајмун: 23 годишен резервен голман", се присеќа спортскиот директор на Севиља кој е архитект на денешниот моќен клуб.
16 години по неговото доаѓање, Севиља има пет трофеи во Купот на УЕФА/Лига Европа. За четири дена ќе играат и во финалето на Копа дел Реј против Барселона. 14 финалиња за 10 години со астрономски профит од трансфери на играчи како оној од 24 милиони на Жулио Баптиста или 17,5 од Иван Ракитиќ.
„Никој на стадион не носи знаме на кое пишува: Како добри економски резултати!, вели Мончи и додава дека за животна зделка го смета трансферот на Дани Алвеш кој на 19 години дојде во Севиља за 200.000 евра а замина за 36 милиони. Секој играч замина од Севиља по освоен голем трофеј: Алвес Куп на Уефа 2006 и 2007, Ракитиќ ЛЕ 2014, Бака ЛЕ 2015.
Додека пуши цигара во својата канцеларија, Мончи за Гардијан раскажува со какви методи работи:
„16 луѓе покриваат различни лиги. Во првите пет месеци гледаме многу фудбал, но без некоја мета и цел, туку само собираме податоци. Секој месец правиме идеални ХI за секоја лига. Потоа во декември почнуваме да ги гледаме играчите во различен контекст (како играат дома, на гости, за репрезентација).
Мончи во телефонот редовно има околу 250 потенцијални цели, на сите позиции.
„Тренерот ќе каже: Сакам лев бек кој трча во просек по 11км по натпревар, трча 800 метри полн шпринт и игра со двете нозе. Од овие, 10 ќе бидат такви".
Следуваат преговорите кои се потежок дел затоа што расте и конкуренцијата. „Ако играчот ми каже Челси ме бара јас му викам па што разговараш со мене тогаш? Но ако Свонси или Тотенхем го сака, тогаш да зборуваме. Се повикувам на градот, на името, на сериозен клуб кој плаќа тоа што ветил".
Мончи вели дека нема стриктни правила.
„По месец дена Конопљанка сакаше да се фрли од балкон па стана еден од најдобрите играчи кои биле овде. Секогаш сакам да ги проучам играчите, но има изненадувања. Грегор Криховјак дојде на 19 години и ми викаа: Кај ќе ти се снајде млад Полјак овде? Дечкото стана поголем Севилјец од нас. Аруна Коне' беше најскапо платен играч а даде 2 гола на 41 меч. Замина во Леванте, послаб тиб и даде 17 гола. Ракитиќ го продолжи договорот затоа што се вљуби во девојка од овде која му стана жена. Нема правила."
Последен доказ за тоа бил Адил Рами, Французинот кој играше во Лил, Валенсија и Милан. По полуфиналето во Лига Европа го гушнал Мончи и му рекол: „Не знам што се случува со клубов, ама јас претходно не играв ниедно финале никаде, а сега за една година играм три“.