Каталонскиот клуб го презема приматот кој го држеше Манчестер Јунајтед а се однесува на набогатите спонзорства на својот дрес. Катар Ервејс, компанија која во 2015-та (трет пат во последните пет години) е избрана за најдобар авионски превозник во светот ќе стои на дресот на Барселона до 2021 година. За таквата привилегија, Катарците плаќаат 70 милиони евра годишно.
Договорот ќе биде објавен од претседателот на Барселона Жозеп Мариа Бартомеу на 24 октомври, за кога е закажана седницата со гласачите (сочи). Самиот Бартомеу кој минатиот јули ги доби претседателските избори им вети на навивачите на Барса дека наскоро во клубот ќе се слеат околу 60 милиони евра од Катар Ервејс, но во меѓувреме во мисијата во Катар успеал да договори повисока цена за спонзорството.
Според договорот, Барса ќе ги носи спонзорираните дресови само на официјалните натпревари, додека посебна сума Катарците морале да платат за опремата која ќе се носи во треннг кампот Сан Хоан Деспи.
Со оваа цифра, Барселона ќе го надмине неверојатното спонзорство на Шевролет кој за да стои на дресовите на Јунајтед плаќаше 63 милиони ева годишно. Новиот договор и 70-те милиони се двојно повеќе од она што Барселона го добиваше од претходниот договор со Катар Ервејс потпишан 2011 година кој истекува во јуни 2016-та.
За ваквиот развој вина има фантастичната сезона на Барселона која лани ја освои Тројната круна имаше 50 победи на 60 официјални натпревари, даде 176 голови од кои 122 на триото Меси-Суарез-Нејмар и прими само 38. Катарците особено ги воодушевила титулата на Барса во ЛШ во Берлин која беше четврта во последните 10 изданија на елитното натпреварување.
До 2007-ма година, Барса одбиваше да носи спонзор на дресовите, но потоа Сандро Росел и Бартомеу сфатија дека полесно ќе работат со надворешна помош, така што дозволија УНИЦЕФ да има место на нивните дресови за симболични 1,5 милиони евра годишно. УНИЦЕФ сега стои во внатрешниот дел од дресот, таму каде што не се гледа.
ТОП 10 заработувања од спонзори на дресовите (без Барса):
1. Ман. Јунајтед, 63 милиони, Шевролет
2. Челси 55 милиони, Јокохама
3. Арсенал 40 милиони, Флај Емирејтс
4. Баерн Минхен, 33 милиони, Дојче Телеком
5. Реал Мадрид, 32 милиони, Флај Емирејтс
6. ПСЖ 28 милиони, Флај Емирејтс
7. Манчестер Сити, 27 милиони, Етихад Ервејс
8. Ливерпул 27 милиони, Стандард Чартерд
9. Тотенхем 21 милион, АИА
10. Милан 20 милиони, Флај Емирејтс.