За Симонета Италијано во старт има еден парадокс кој се крие во нејзиното презиме Italiano што во превод значи италијански. Им држи часови по англиски на многу познати италијански фудбалски имиња, но и обратно. На Англичаните им помага со италијанскиот. Последен е примерот со Арон Рамзи.
Ако треба да раскаже некоја анегдота тогаш ќе ги издвои часовите со Карло Анчелоти кој и доаѓал со сувомеснато, чисто како мезе.
Како почнавте?
Во 1991-ва, годината кога заминав од Италија за да научам англиски. Требаше да биде неколку месечно искуство, но повеќе не се вратив. Имав среќа што налетав на професор по англиски кој зборуваше италијански. Така почнав да учам и да правам разлики меѓу двата јазика. Италијанскиот понекогаш може да им звучи арогантен на Англичаните затоа што е подиректен. Англичаните делуваат премногу учтиви и официјални со нивното 'please', 'excuse me'. Тоа му го реков и на Рамзи. Во италијанскиот нема потреба да се повторува толку scusi (извинете), туку само кога е неопходно.
Да им дадеме оценки на вашите ученици почнувајќи од Рамзи?
Арон има ментална флексибилност и желба за учење. Пристапот му е добар.
Фабио Капело?
Тој е првиот голем тренер со кој имам работено. Татко му бил учител и тоа се гледа и кај Фабио. Им даваше големо значење на граматичките правила. Сакаше убаво да ги разбере глаголите, начините и различни нијанси.
Франко Балдини?
Со него најмногу имавме конверзација. Има брилијантна интелигенција. Во лет ги капира стварите. Роден е за јазици.
Карло Анчелоти?
И тој беше добар, но исто и како човек, со голема великодушност. Често се појавуваше на часови со сувомеснато.
Валтер Мацари?
Не е точно дека англискиот му бил лимитиран како што пишуваа во весници. Го фатија на пик уште од почеток и кај него се јави блокада во јавното изразување на англиски јазик. На часови успеваше да зборува на англиски.
Маурицио Сари?
Тој е навистина неверојатен. Апсорбира тешки зборови и фрази. Љубопитен е и отворен.
Кој е најдобар меѓу играчите?
Можеби Запакоста. Добар многу и Бориело и секогаш присутен со паметот.
Како ви почна ова искуство во фудбалот?
Во 2006-та ми дадоа да преведувам за Скај спорт и така влегов во тие кругови.
Веќе 12 години преку работата на некој начин сте дел од фудбалот. За кого навивате?
Во Италија кога бев млада бев симпатизерка на Лацио, вовлечена од татко ми. Тука во Англија сум опкружена од навивачите на Арсенал почнувајќи од синовите, сопругот и најблиските пријатели. Навивам за екипите на моите ученици. На финалето од ЛЕ меѓу Челси и Арсенал гледавме дома со децата. Јас во средина, Марко од десно и Џејсон од лево. Во второ полувреме после првиот гол на Челси, ги снема. Таа вечер навивав за Сари.
Некој фудбалер кој ви е симпатичен?
Една вечер бев на еден настан со Капело и Венгер. Зборуваа за начинот на кој Кристијано Роналдо ја ротира ногата кога шутира во гол. Од тогаш го следам внимателно.
Носталгија за Италија?
Немам никаква. Во англиското село ми е одлично.
Италија или Англија, за кого навивате?
Италија. Инаку татко ми не би ми простил.