Приказна за тешкиот пат на Били Шарп - најанглискиот напаѓач во Премиер лигата

На 10 август, 12 години после својот последен меч во Премиер лига, Шефилд Јунајтед го даде првиот гол во мрежата на Борнмут, кој на навивачите им го подари Били Шарп, човекот кој требаше да го направи тоа.

„Секогаш може да сметаме на мистер Шефилд Јунајтед кога ни е најпотребен“. „Среќен сум за сите, а посебно за Били зошто го заслужи многу овој гол и ни подари одличен старт“. „Да се задржиме во зоната за европкупови ќе биде најмала задача сезонава“, еуфорично коментирале навивачите на Шефилд по мечот со Борнмут.

Били Шарп е омилен во црвено-белиот дел од градот на челикот. Но неговата кариера во Шефилд Јунајтед не била нималку пикник. Напротив, тој стигнал до саканиот клуб после многу, многу трнлив пат со падови и подеми.

****

Вилијам Луис Шарп или просто Били е роден во Шефилд, провинција Јужен Јоркшир на 5 февруари 1986 година.

Како и секое друго дете во доцните ’80-те години, така и Били го засакал традиционалниот спорт во Англија и уште од мал почнал да навива за еден од двата ривалски клуба во градот, со тоа што он го засакал тимот кој има Јунајтед во името.

Откако сменил неколку школи за фудбал, Били во 2004 година стигнал во академијата на „сечилата“. Младиот напаѓач можел да стане големо засилување за родниот тим, а фактот што Били од детство навивал за клубот на Бремол Лејн, им дал шанса на навивачите одново да ја пеат познатата британска песна "He's one of our own" (Тој е еден од нас).

Шарп дебитирал за првата екипа во сезоната 2004/2005, но после два меча бил пратен на позајмица. Тоа е стандардна практика на англиските клубови - да ги праќаат младите и перспективни играчи во помали тимови за да стекнат искуство и да се искалат.

Но и по крајот на позајмицата, Били се испоставил за вишок во Шефилд Јунајтед. Тогаш го напуштил клубот и заминал во Скантроп Јунајтед.

Младиот Шарп продолжил напорно да работи и во новиот клуб постепено станал најдобар играч кој давал по 20-ина гола по сезона. Наскоро изградил и свој препознатлив стил на игра кој го задржил до денес. 

Били Шарп е типичен англиски класичен шпиц. Во век кога фудбалот престана да биде брутален, со жестока борба, кога во него доминираат тренерски идеи за „тики-така“ игра на посед, стилот на долги топки практично го напушти Обединетото Кралство.

Англија изгледаше фудбалски пуста без својата класика. Сите се импресионирани од зоните на Пеп Гвардиола и од лудиот пресинг на Клоп, но носталгија за времето кога фудбалот на островот личеше на рагби и натаму има.

Во сезонава 2019/2020 тежок сидраш и типичен англиски шпиц е Ешли Барнс од Барнли и Вилијам Били Шарп од Шефилд. Притоа овој вториов е капитен на екипата која се смета за најкласична англиска екипа во цела Премиер лига. 

После неколку години откако Били тажно заминал од клубот, луѓето од Шефилд Јунајтед ја признале својата грешка. Откако на други места постигнал 53 гола во две сезони, детето на клубот било вратено дома, но и од втор пат не успеал да заигра стандардно.

Пак го праќале на позајмици, овојпат во Донкастер кој после една година го откупува договорот на Били кој дома го сметале за непотребен. За време на третата сезона во дресот на Донкастер Роверс, во животот на Шарп се случила тешка трагедија.

На 29 октомври 2011 година, новородениот син на Били, Луи Џејкоб Шарп умрел само два дена по раѓањето. Причина за смртта бил гастрошизис - вроден дефект на абдоменот. На посебно одделение на интензивна нега, бебето било 2 дена, а Били нормално цело време бил во ходниците од болницата. Поради болеста на бебето, Били го пропуштил мечот на Донкастер против Ковентри сити, но после два дена се вратил на терен.

Гардијан пиша статија посветена на најтешката борба во животот на Били Шарп, кој докажал како фудбалот помага да се победат тешкотиите.

Самиот Били признал дека, да не бил фудбалот, тој не би можел никако да се справи со смртта на синчето. Во 14’ минута од дуелот со Мидлзборо (само два дена по смртта на бебето Луи), Били Шарп постигнал фантастичен гол и го посветил на син му.

Иако правилата не дозволуваат кревање и соблекување на дресот, судијата на тој меч Дарен Дедмен не го опоменал шпицот. „Се водев од здрав разум, а не по правила во ваква ситуација“.

Овој гол влегол во историјата како „гол од рајот“. После 5 дена Били Шарп постигнал погодок на гости кај Ипсвич и добил овации од противничките навивачи. 

И покрај трагедијата, Били Шарп имал одлична сезона поради што Саутемптон решил да го купи од Донкастер со цел да се бори за пласман во Премиер лига. Тоа и се случило, Били Шарп во првата сезона во дресот на „светците“ во Чемпионшип дал дури 19 гола и бил најзаслужен за пласман во Премиер.

Шарп го дал и голот кој го потврдил враќањето во елитата.

Но после дебито во Премиер лигата, Били одново скитал по позајмици. Не бил во плановите на тогашниот тренер на Саутемптон Маурисио Почетино, па морал да игра позајмен во Нотингем Форест, Рединг и Лидс Јунајтед (го откупил од С’темптон).

Селидбите не му сметале и Били не го намалил бројот на дадени голови. Во 2015 година на врата му чукнала неговата прва љубов, по трет пат во кариерата - Шефилд Јунајтед.

А после тоа следувало чудо: со новиот тренер Крис Вајлдер, исто така лудо вљубен во Шефилд Јунајтед, Били Шарп заиграл во луда форма и се искачил на прво место по дадени голови меѓу сите англиски напаѓачи во професионалниот фудбал во 21-от век. Го поставиле и капитен на родниот клуб.

Паралелно со головите на капитенот Били, Шефилд тргнал по долгиот пат од Лига 1 до Премиер лига за три сезони. Минатата сезона Шефилд Јунајтед бил 15-ти по вредноста на составот во Чемпионшип.

Сега после две кола во Премиер лигата имаат 4 бода. Играат типичен англиски фудбал. А најинтересна беше изјавата на Били за оваа сезона:

„Татко ми првпат ме однесе на фудбал. Имав околу пет години. Се сеќавам дека веднаш посакав да бидам таму присутен. И бев, прво како навивач, потоа како собирач на топки, а сега како играч и тоа е совршено чувство за мене. Убаво е кога децата се угледуваат на тебе, ти бараат автограми момчиња и девојчиња. Овој клуб е посебен. Нема поубаво чувство од тоа да застанеш пред КОП-от, пред преполниот КОП кој ти скандира. Горд сум што сум капитен на клубот кој цел живот го бодрев“.