Приказна за фудбалскиот пат на чудото Ламин Јамал - баба Фатима и двајцата мудреци

Ламин Јамал е најголема фудбалска ѕвезда во моментов, двократен шампион на Шпанија, европски првак со репрезентацијата на Шпанија и освојувач на шпанскиот Куп. Има само 18 години. Што е познато за неговото семејство?

СÈ ПОЧНАЛО СО БАБА МУ КОЈА САМА СЕ ПРЕСЕЛИЛА ВО ШПАНИЈА НА 40 ГОДИНИ

Ламин Јамал е роден во јули 2007-ма година во семејство на Мароканецот Мунир Назрауи и Шеила Ебањa од Екваторијална Гвинеја. Ламин растел во Матаро кое се води како предградие, а е практично град до Барселона со преку 100.000 жители. Ламин пораснал во Рокафонд, еден од најнебезбедните криминални реони.

30 години пред Ламин да се роди, една смела, храбра жена по име Фатима решила да се пресели од Мароко во Шпанија. Сама на 40 години. Во татковината и останале пет деца. Планот и бил: да работи многу и по некое време да ги донесе сите кај неа.

Прв дошол најстариот син, 20-годишниот Абдул. Наскоро во Шпанија го донеле и 9-годишниот Мунир, иден татко на ѕвездата Јамал.

Фатима дошла со брод од Танжер. Во Шпанија влегла со марокански пасош а потоа со автобус стигнала до Каталонија.

„Тоа било во 1990-та година. Никаква специјална виза не требаше. Таа почнала да работи во еден камп во Љаванерес. Живеела таму две години. Потоа работела во дом за стари лица во Виласар де Мар. А подоцна се преселила во Рокафонд“, раскажува нејзиниот најстар син Абдул, чичко на Ламин.

Фатима се грижела за своите но и за комшиските деца. 

„За мене таа е како мајка“, вели Абделхак, пријател на семејството кој сега држи продавница за постелнини. „Фатима дури и ми го подари дресот со број 41 со кој дебитираше против Бетис“. Тој ја чува сликата со оригиналниот дрес носен од Јамал во посебна папка во телефонот.

Ламин Јамал е многу поврзан со баба му Фатима која практично го трасирала патот на целото семејство.

Фатима понекогаш доаѓа на натпреварите на Барселона. А од една од првите плати нејзиниот сакан внук и купил стан (со таков подарок ги израдувал уште и мама и тато). Ламин често оди на гости кај баба му. И ден-денес и барал да му прави готвено пилешко и кајгана за доручек.

ЈАМАЛ И РОДИТЕЛИТЕ ЖИВЕЕЛЕ СО БАБА МУ, А СО НИВ УШТЕ ШЕСТ ЛУЃЕ

Матаро е специфичен реон, таму живеат многу Мароканци и дојденци од цела Северна Африка. Се знае како тука дошол Мунир татко му на Ламин Јамал, а не се знае како стигнала мајка му Шеила Ебања од Екваторијална Гвинеја (централна Африка).

Интересно кога станува збор за потеклото на синот, таа е категорична: „Мојот син е дојденец од Екваторијална Гвинеја и мене ме боли кога луѓето зборуваат дека не е така“, рекла еднаш Шеила за шпанските медиуми.

Непознато е и како се запознале Мунир и Шеила. Познато е само дека младите дојденци во Матаро шетале по тамошните улици и грицкале семки, а оние кои имале повеќе пари седнувале во баровите.

И Мунир и Шеила имале по 21 година кога го добиле малиот Ламин Јамал. Кубуреле со пари и биле сиромашни. Шпанскиот весник AS пишувал дека пред да им се роди синот, двајца луѓе им помогнале финансиски. Едниот се викал Ламин а другиот Јамал. Неверојатно звучи приказната дека во нивна чест го нарекле малото бебе.

Младиот брачен пар живеел со баба Фатима. А со нив и Абдул со жената и неговите четири деца. Во таква ситуација било неиздржливо па кога Ламин Јамал имал 3 години родителите се развеле. Малиот отишол со мајка му. Во меѓувреме и чичко му Абдула се тргнал од кај мајка му, отворил своја пекара на која имало мурал од Ламин а подоцна дури и ја продал пекарата.

МАЈКА МУ РАБОТЕЛА ВО МЕКДОНАЛДС И ГО ЗАПИШАЛА СИНОТ НА ФУДБАЛ

„Јас секогаш ѝ викам на мајка ми дека многу сум и благодарен. И покрај сите потешкотии, таа ме чуваше за да ме држи настрана од сите лоши работи. Јас немав можеби најдобро детство на светот, но таа правеше се за да ми биде добро“, вели Ламин Јамал во потресна исповед за своето детство.

Шеила води затворен живот и не дава интервјуа. Не сака да зборува многу за нивниот приватен живот. Вниманието секогаш и било кон нејзиниот син. Таа е најголема поддршка на Ламин Јамал. За тоа и признава и Мунир за кого чиј незгоден карактер ќе пишеме подоцна. „Фала ти за грижата за синот. И за тоа што си највоинствената мајка“, и напишал Мунир во една роденденска честитка.

Во годината кога се развеле, Шеила работела во Мекдоналдс. Таа заработувала пристојно и не барала друга работа. Барала само да ја преселат од Матаро во Гранољерс (околу 20 километри растојание) и молбата и била прифатена.

Шеила тогаш го запишала малиот 4-годишен син на фудбал, во малку познатиот клуб Торета (на 50 метри од нејзиното работно место).

„Родителите кажаа дека Ламин многу сака фудбал и го викнавме. Имаше околу три ипол или четири години. Тој тргна во школо но ние видовме дека по нешто се разликува од другите“, вели тогашниот тренер на екипата Иносенте Диаз.

После тренинг мајка му го земала Ламин и по добра традиција го носела во La Sorpresa на чурос - латиноамерикански крофни налик на тулумби кои се макаат во топло чоколадо.

Малиот тогаш живеел со мајка му но одел и кај татко му.

„Моите родители за мене се пример во сè. Секогаш викам дека имам нешто и од мама и од тато. Мислам дека на терен имам повеќе од тато а надвор од терен повеќе личам на мама. Тоа се луѓе со кои пораснав кои ме научија на сè. Се бореа за мене“, вели Ламин Јамал.

Ако треба да направи некој важен чекор тој секогаш се советува со мама. Долго време Јамал сакал да чува дома октопод, но мајка му не му давала. „Многу сакав аквариум, но мајка ми ми викаше дека тоа е невозможно. Кога имав 13 години таа ми рече да почекам до 18, а сега вели дека најубаво на 21 да земам. Тоа е егзотично животно и мислев дека ако одам кај другарите тие ќе немаат октопод а кога ќе дојдат кај мене, ќе имам јас“, раскажувал Ламин Јамал за Мундо Депортиво.

А на 17 години побарал од мајка му ништо да не му дарува, туку само да му исполни една желба - да го пушти во Мадрид, за да слави роденден и историска победа на Европско првенство со Шпанија каде беше главна суперѕвезда и го шокираше светот со неверојатен фудбал. Шеила го пуштила.

ТАТКО МУ БИЛ НАВИВАЧ НА РЕАЛ МАДРИД И ВАЖИ ЗА НЕЗГОДЕН КАРАКТЕР

Со татко му Мунир, Ламин Јамал се однесувал како со другар. „Ако е помлад, го сметам него за другар. Се гледаме секој ден и играме Плејстејшн. Со тато се смеам, зборувам за животот и играм фудбал. Мунир е емотивен и весел човек“, рекол најдобриот фудбалер на Барселона сезонава.

Кога Јамал доаѓал кај Мунир во домот на баба Фатима, Мунир имал проблем - долг пат за тренинзи и натпревари на малиот. Некогаш Ламин останувал кај мајка му, а после натпреварите го земал татко му.

„Другите родители доаѓаа со коли за час пред почеток на мечот, а јас морав да патувам три, четири часа, некогаш и пет  или земам малиот. А потоа заедно одевме на натпреварот. Некогаш заспиваше, некогаш играше а имаше и денови кога ми одеше на нерви, по детски секако. Но секогаш беше многу мил“, се сеќава Мунир.

Од детство Мароканецот го воспитуал син му никогаш да не заборави на корените и потеклото. Го потсетувал дека потекнуваат од сиромашно семејство дека поминале многу нешта. И му давал примери од ѕвездените фудбалери кои подоцна си ги уништуваа кариерите. Мунир сакал да биде пример за синот.

„Љубовта која татко ми ја има кон мене е нешто неверојатно. Му благодарам што ми ја пренесе љубовта кон семејството зошто тој е човек кој им прави многу добрини на другите“, рекол Ламин.

Интересно Мунир навивал за Реал Мадрид. Како и целото негово семејство од Мароко.

„Можеби порано навивав јас за Реал Мадрид но сега мене ме храни Барселона“, рекол еднаш после едно Ел Класико пред камерите.

Шпанскиот лист La Vanguardia пишувал дека според кажувања на луѓето од опкружението на Мунир, во младоста тој бил многу нервозен и избувлив. Поранешниот фудбалски работник во Еспањол Роберт Ернандо еднаш раскажал: „Сите во Матаро знаат дека татко му на Ламин е бандит од опасниот реон Рокафонд. Тој бил просјак а сега велат дека со полни џебови е станат уште посуров и бахат“. Од каде му се овие зборови на Роберт е нејасно но познато е само дека Мунир работел како молер во младоста.

Но каде има чад има и оган велат... Во мај 2003-та година татко му на Ламин бил снимен како напаѓа предизборна кампања на ултрадесничарската партија Vox во која била кандидатка за градоначелник на Матаро, Моника Лора.

Мунир ги навредувал присутните и ги гаѓал со јајца. Кога му свикале да рпекине, тој почнал да се дере и му ги скршил очилата на еден од пристните членови на партијата. За тоа го казниле 550 евра и уште 110 евра требал да плати за оштета.

„Немаат право да ми викаат: „Одете си дома!“. Зошто ова е моја земја - Шпанија. Мојот син играше за репрезентацијата на Шпанија во Унгарија за да ја претставува оваа земја а со нив одел и во државно школо“, велел Мунир.

Минатото лето тој западнал во уште поголема беља. Во тепачка три пати бил избоден со нож во Матаро. Според обвинението четири лица биле приведени и обвинети за обид за убиство. Причина за конфликтот бил што некое дете го испрскало Мунир со вода а тој влегол во расправија со таткото, дедото и братот на малото дете. Избила тепачка но набрзо дошла полицијата.

Шест часа подоцна трите лица и уште еден човек го побарале татко му на Јамал и му рекле да се најдат во паркот за наводно да се смират. Но дошле со ножеви и без зборови го опкружиле и го нападнале. Го удирале со нозе и го боделе со нож. Мунир за среќа останал жив.

После пар месеци на Мунир и Фатима им се заканувале и поради тоа што Ламин одбрал да игра за репрезентацијата на Шпанија а не за Мароко. Најмногу се грижела баба Фатима која не можела да го издржи стресот. После тоа решиле да се преселат во Барселона и нејасно е каде живеат сега.

ЛА МАСИЈА, МЕНДЕШ И НЕКОЈ ЛИК СО ПРЕКАР КУБАЛА ИМ ГО ОЛЕСНИЛЕ ЖИВОТОТ

На Ламин Јамал му се посреќило што на неговиот фудбалски пат се нашле добри луѓе кои се зближиле со родителите. Тие не биле ни тренери ни менаџери.

Координатор во клубот Торета, Иносенте Дијаз бил многу важен човек за развојот на кариерата на Ламин. Тој исто играл фудбал но аматерски. Но имал контакти во Барселона каде им препорачувале таленти од улицата.

Кога Иносенте се вработил во Торета, често праќал деца во Еспањол и Барселона. Локалците го завикале Кубала, во чест на Ладислав Кубал, легендата на Барселона. Дијаз сега раскажува дека во Ла Торета играле многу деца од скромни семејства. Често им помагал и надвор од теренот. На Ламин му помогнал да го преброди разводот на родителите и да не забега во лоши друштва.

„Кога Ламин живееше во Матаро, често не можеа да го земат од тренинзи па Мунир ми се јавуваше. Ми бараше да го однесам со кола малиот и да не го пуштам сам. Се плашеше за син му. Мислам дека е тоа нормално. По пат секогаш разговаравме и јас му ветив дека еден ден ќе потпише за Барселона“, раскажува Иносенте Дијаз од првиот клуб на Ламин, Ла Торета.

Во Торета Јамал имал добро фудбалско воспитание. Кога виделе за каков талент се работи го префрлиле во повозрасна група. Благодарение на контактите на Иносенте, набрзо го приметиле и од Ла Масија, легендарната фудбалска школа на Барса.

„Моравме да го заштитиме“, вели за La Vanguardia човек од школата на Барса. На 13 години Ламин почнал да живее во Ла Масија. „Таму можеше да се контролира негово школување, диета, часови за одмор“, вели поранешен тренер во Барса и директор на академијата Жорди Роура.

Кога наполнил 14 години, за неговата кариера интерес покажал познатиот израелски менаџер Пини Захави. Но семејството одбило се додека тој не наполни 16. Трката за него на крај ја добил светски познатиот агент Жорже Мендеш. Тој долго време разговарал со семејството на Ламин и на крај платил 3 милиони евра за да стане негов агент.

Од тогаш советниците на Мендеш му водат се околу кариерата: маркетинг, финансии, комуникации. На родителите им останало само да го сакаат со цело срце и да го чуваат.

А Ламин Јамал денес е најдобар фудбалер на светот. Суперѕвезда која на Барселона и донесе две шампионски титули, еден пехар во Кралскиот Куп и освои Европско првенство со Шпанија...

*****************************************************************

Шампионската дружина што игра најубав фудбал

Реал е доминантен со титули, Барса освоила повеќе во XXI век