„Игравме со четворица позади во линија, тој сега сè менува. Што да правиме? - Играјте како сте навикнати така.“ Бунтовниот стопер кренал востание против двајцата тренери Константини и Вандереикен, но иако му го задушиле и го избркале од соблекувалната, на крајот морале да си одат. „Штом си толку паметен, трчај сега сам.“ му рекол директорот Хајдл на стоперот.
„Да не беше татко ми со упорноста и со колата, ништо од ова немаше да се случи".
Татко му Норберт бил фудбалер како млад, стигнал дури и до проба во Кајзерслаутерн, но брзо се откажал од фудбалот и почнал да продава завртки и навртки. Со малиот Јирген бил строг и груб. Го учел да скија така што му бегал надолу, и го оставал сам на стрмните врвови. Често се возел со портокалов мотор и на радио ги слушал преносите од натпреварите на Штутгарт, додека син му играл во селскиот тим Глатен.
„Сите дечки правеа склекови додека ја држат топката на глава, а Јирген не можеше да жонглира ни три пати, му раскажувал тренерот Баур на германскиот новинар Елмар Невелинг кој собирал материјал за книгата за Клоп. Но беше многу забавен, организираше журки и девојките го сакаа".
Франкфурт
Последната забава дома, Клоп ја организирал во 1986. година - откако го дал единствениот гол за неговиот тим на пријателската против Ајнтрахт. На почеток играл во нападот и иако бил невешт со топка, сепак се издвојувал по агресивноста и храброста. Во еден момент, му се јавил Томас Бертолд, светскиот вицешампион со Германија и тренер на Ајнтрахт кој го повикал Јирген во Франкфурт.
Таму Јирген го праќаат во вториот клуб во Франкфурт, Рот-Вајс кој се борел за влез во втората лига со Мајнц. Тренерот Јунг го ставил Клоп во нападот и овој вратил со гол против тимот, чијшто главен тренер ќе стане 10 години подоцна.
Мајнц
По враќањето во Мајнц, Клоп речиси пет години чекал тренер кој играчки би го инспирирал. Во недостиг на техника и вештина со топката, тој бил бесен и играл на работ на инцидент (на тренинг се степал со соиграчот Сандро Шварц поради груб старт). Сфатил колку е часот и од нападот каде играл како помлад се преселил во одбраната. Хрватот Јосип Куже му нашол место на Клоп во средината, а татко му на Матс Хумелс, Херман подоцна го вратил во одбраната. Во есента 1995. година, после 7 порази на 8 средби, Мајнц доби нов тренер, Волфганг Франк кој ја вовел модерната игра со либеро пред одбраната.
„И онака сме во тешко срање, секоја промена добро ќе дојде", рекол спортскиот директор Хајдл.
Франк на тренинзите им покажувал на играчите видео снимки од играта на Милан и италијанската репрезентација и го ставил Клоп на средината заедно со татко му на Роман Нојштедер, Петер и на Мајнц конечно му тргнало.
На зимски подготовки Мајнц отишол на Кипар, таму остнале 15 дена, но првенството го продолжиле со два порази по ред поради што тренерот Франк бил бесен. „Стравот од пораз ме парализираше и да не беа емоциите на Јирген Клоп на теренот, ќе полудев", изјавил тогаш тренерот на Мајнц, Волфганг Франк за Frankfurter Allgemeine Zeitung.
Пред три години Франк ја загуби борбата со тумор на мозокот. „Тој е мојот главен учител. Благодарен сум ѝ на сопругата на Волфганг, Стела што ми дозволи да го посетам последниот ден", изјави Клоп за човекот од кој научил сè за фудбалот.
Франк му ја всадил љубовта кон тренерската професија, поради што Клоп со заработката од 2.300 марки месечно, сфатил дека треба да инвестира во иднината. Два пати неделно патувал околу 200 км до Келн да ги слуша предавањата во тренерската школа на Ерик Рутемолер.
Во февруари 2001. година судбината се вмешала. Тренерот на Мајнц Екхард Крауцун бил отпуштен вечерта пред натпревар и тимскиот менаџер Кристијан Хајдл ги викнал играчите на состанок.
„Со управата зборувавме дека најдобро за клубот е Јирген да биде тренер утре", рекол Хајдл и така започнала тренерската кариера на Јирген Клоп.
По големите успеси со тимот кој имаше најмал буџет, најмал стадион и најмалку навивачи, за Клоп се заинтересирале Баерн Минхен и Хамбург. „Бираме меѓу тебе и тренер од светски глас, само да знаеш. - Благодарам, но не сум заинтересиран“, им одговорал младиот Клоп на Баварците, свесен дека уште е рано за такво подвиг.
Анегдотата со луѓето од Хамбург гласи дека се откажале од него затоа што “многу пушел цигари и доцнел на тренинзите“. Никаква визија, кој би рекол тогаш дека Јирген ќе стане светски тренер.
Во зимата 2001. година Клоп со сите пријатели и играчи почнал да живее необичен живот. По првата гостинска победа над Улм, Клоп побарал од возачот на клупскиот автобус да застане на една бензинска и го одвел целиот тим на пиво.
После година дена, Мајнц во последното коло пропушти шанса да влезе во Бундеслигата а Клоп се расплакал во интервјуто за каналот ЗДФ. Истото се случило и следната сезона, кога Мајнц во последното коло победил 4:1 и чекале да видат како ќе заврши Ајнтрахт кој славел 6:3 и влегол во елитата.
Клоп ги собрал играчите и отишле да пијат пиво и да пеат тажни песни. Најголема утеха му требало на Украинецот Андреј Воронин. Во пролетта 2008. година, Клоп стоел исправено во центарот на Мајнц и се сеќавал како на неговиот прв меч како тренер дошле 3.000 луѓе, а сега пласманот во Бундеслигата го слават 30.000 навивачи на плоштадот Гутенберг.
Дортмунд
Претстојното лето 2008-ма, Клоп добил понуда од Дортмунд, екипа со застарена структура, должничко ропство, најлоша одбрана во Бундеслигата (полоша од второлигашите) и опасност од намалување на продажбата на сезонски карти.
Во првото интервју им ветил на скептичните навивачи страстен фудбал. „Никогаш не сум сакал шах на трева", рекол Јирген. Прв проблем му бил составот. Кога дошол во Дортмунд прашал: „Кој е втор лев бек?", му одговориле: „Не ни треба втор, Деде никогаш не се повредува". Во секој случај ни треба резерва. „Тука е везистот Кринге, тој е сестран играч. - А Шмелцер како лев бек? -Тој игра за публиката.
Во првото коло Деде ги скинал вкрстените лигаменти, а Шмелцер две години подоцна дебитирал за германската репрезентација.
Клоп со своите скаути ги открил не само Бендер и Хумелс, туку и Гроскројц кој бил навивач на Јужната трибина на Вестфален. Харизматичниот тренер е најзаслужен и за Јапонецот Кагава кој го донел за 350.000 евра а го продале за 16 милиони. Клоп го довел и Невен Суботиќ од Мајнц и за три години Дортмунд стана најмладиот шампион во историјата на Германија (просечна возраст 24,2 години).
Во Дортмунд и натаму се прераскажува како ги носел играчите на риболов и на пиво и како редовно ги менувал цимерите за секој со секого подобро да се запознае. На некои играчи им давал посебни книги за читање, а имал и интересни методи за да ја провери издржливоста на играчите.
По лошиот почеток на втората сезона во Дортмунд (една победа на седум меча и 15. место на табелата), Клоп им предложил на играчите:
„Во првите 7 кола истрчавте 113 километри во просек по натпревар. Ако на следните 9 меча трчате 118 километри во просек по натпревар, ќе добиете дополнителни четири дена одмор на крајот".
Играчите прифатиле и во следните две сезони беа прогласени за тим кој истрчал најмногу. Првата титула освоена во 2010/2011 ја прославиле во италијански ресторан, од каде со клупскиот автобус играчите на Дортмунд тргнале на финалната парада на главниот плоштад. Клоп се појавил со наочари за сонце и пред 400.000 навивачи (таа година 13% била невработеноста во овој регион) изјавил:
„Не можеме да ја смениме политичката и друштвена реалност, но можеме да ве направиме среќни. Нема да славиме многу, затоа што мора да вежбаме изведување пенали". Во првенството Дортмунд добил пет пенали и реализирал само еден.
Откако Борусија после цели 20 години го победи Баерн Минхен, Клоп изјави: „Кога Дортмунд последен пат славел во Минхен, многу од моите играчи уште цицале млеко". Во 2012. година Баерн за првпат во овој век два пати по ред остана без шампионската титула, притоа од Дортмунд убедливо загуби и во купот.
Тогаш почнаа „отровните стрели" на релација на двата најголеми германски клуба, Дортмунд и Баерн. Ули Хенес изјави дека Баерн им дал 2 милиони евра помош кога биле во најголема криза и пред гаснење, на што првиот човек на Дортмунд, Вацке рече: „Да, така е, дадоа, но во времето на претходниот претседател. Заемот им го вративме за половина година".
Јирген Клоп редовно покажуваше со прст во Баерн и ги обвинуваше за финансиска нефер игра. „Се однесуваат како Кинези. Го гледаат успехот на другите и го копираат со помош на пари."
После месец и пол, Борусија после продолженијата ја совлада Малага во четвртфиналето на ЛШ а следното утро на тренинг спортскиот директор Зорц само што не паднал откако дознал дека Баерн ја искористил „дупката" во договорот со Геце и го купил за 37 милиони евра, а наскоро ќе го купат и Левандовски.
Пред финалето на ЛШ против Баерн во Лондон, Клоп се обиде да ги придобие англиските навивачи со интервјуто во Гардијан.
„Ние сме клуб, а не компанија. Ако ја почитувате историјата на Баерн, навивајте за нив, ако сакате да создадете нова, посебна приказна, навивајте за нас".
На Вембли допатува со сопругата Ула со која се запознал на Октоберфест. Таа работела како учителка, а подоцна станала детски писател.
По заминувањето на Геце и Левандовски, се повреди и долго време отсуствуваше Марко Ројс, и екипата на Клоп почна да бележи послаби резултати. Му заврши договорот, и време беше да го напушти омилениот клуб.
Со солзи се испрати со навивачите на Борусија и замина во Ливерпул со чии навивачи сега се прашуваат како живееле еден без друг досега.