Последниот европски трофеј Арсенал го освои пред 25 години

Ако сте заборавиле или не сте знаеле, Купот на Куп победници беше европски турнир кој поживеа од 1960-та до 1999-та година. Во него играа победници на купови во своите земји, сериозни екипи, а еднаш го освои и Арсенал.

Овој легендарен Куп на Куп победници не овозможуваше победникот во финалето да обезбеди директен пласман во Куп на шампиони (КЕШ) и подоцна Лига на шампиони. Форматот на Купот на Куп победници беше едноставен - никакви групни етапи, туку клубовите уште од рана есен почнуваа да играат нокаут фаза од 1/16 финале.

Купот на Купови беше трет по статус еврокуп иако во сезоната 1993/1994 година собра мошне сериозно друштво:

- Реал Мадрид со Јеро, Мичел, Заморано, Просинечки. Екипа која што во пролетта 1994 ја презеде Висенте дел Боске од отпуштениот Бенито Флоро;

- Ајакс на Луј Ван Гал кој со тој состав после една година ја освои Лигата на шампиони;

- Парма која што беше во најголемиот расцут во историјата со многу пари и со Томас Бролин и Џанфранко Ѕола;

- ПСЖ во сезоната кога ја освои титулата во Лига 1 со Џорџ Веа и Давид Жинола;

- Бенфика со Жоао Пинто, Руи Коста;

И Арсенал кој само што ги освои двата домашни трофеа - ФА Купот и Лига Купот на Англија.

Оваа сезона беше крај на ерата на Џорџ Грем, шкотскиот тренер претходник на Арсен Венгер. Французинот во Арсенал дојде во есента 1996-та година.

Грем првпат седнал на клупата на Арсенал во 1986-та година и во првите 5 години освоил две титули, вклучувајќи ја и уникалната во 1988/1989 кога во последното коло славеле титула на „Енфилд“ благодарение на подобра гол разлика.

Јан Рајт, Реј Парлоу, Стив Мороу и Тони Адамс со пехарот од Купот на Англија

Тренерот Грем воспоставил скоро армиски режим, иако во екипата бил и незгодниот Тони Адамс кој еднаш изјавил дека три натпревари во шампионската сезона ги одиграл пијан.

****

Во првата рунда од Купот на Купови Арсенал потешко од очекувањата го помина дански Одензе. Во првиот меч Данците не искористиле пенал, Мартион Кион си дал автогол, но „топџиите“ направиле пресврт со головите на Јан Рајт и Пол Мерсон. Реваншот завршил 1:1 и Арсенал отишол понатаму.

Џорџ Грем имал посебен однос кон европските натпревари. Во 1991 година тој во Купот на европски шампиони изгубил од Бенфика и тоа му бил најтежок пораз во кариерата.

Грам бил поборник на типично британскиот фудбал со многу рогање и жестоки дуели. Го нервирала играта на кратки пасови која подоцна ја имплементираше Венгер кој играше најубав фудбал во Англија.

„Може до утре да си подавате, но не заборавајте дека топката треба да влезе во гол“, зборувал Грем кој таа сезона во Евертон го продал најдобриот техничар во екипата, Швеѓанецот Андерс Лимпар.

Во 1/8 финале Арсенал играл со Стандард Лиеж кого го прегазил со вкупни 10:0 во двата меча (првиот дома победиле 3:0 а потоа на гости сензационално славеле 0:7). Така залетан, Арсенал налетал на Торино предовден од легендарниот Уругваец Енцо Франческоли по кого Зидан крсти еден од синовите.

Во Торино мечот завршил 0:0 а во Лондон Арсенал победил едвај 1:0 со голот на Тони Адамс по една гужва во шеснаесетникот на Италијанците

Во полуфинале, Дејвид Симан, Ли Диксон и екипата имаа многу тешка задача. Ги чекаше ПСЖ, во тој момент една од најдобрите екипи во Европа која што го исфрли Реал Мадрид од турнирот.

„Топџиите“ успешно ја применија тактиката од целата сезона, го маркираа најдобриот противнички играч (Бразилецот Валдо), но херои на двомечот беа голманот Дејвид Симан и четворката позади во одбрана Диксон, Боулд, Адамс и Винтербурн.

Грем тактички се инспирирал од Ариго Саки кој тогаш со Милан ги усоврши фамозните офсајд стапици.

„Индивидуално тоа е најлошата четворка за целата моја кариера во Арсенал, но сите заедно... Сите заедно собрани може беа послаби само од четворката на Милан“, рекол Тони Адамс.

Главни таленти во нападот на Арсенал беа Јан Рајт, најдобар стрелец на екипата којшто го отвори резултатот во Париз (Жинола израмни и мечот заврши 1:1).

На реваншот омилениот фудбалер на навивачите на Арсенал беше малерозен. Не дека Арсенал не помина, „топџиите“ победија 1:0, туку зошто доби жолт картон којшто беше втор за него во Купот на Купови и мораше да го пропушти финалето.

„Ми го украдоа најдобриот ден во животот“, подоцна се сеќавал Рајт.

Во финалето за пехарот, Арсенал без својот најдобар фудбалер се сретна со Парма. Италијанците беа големи фаворити, не само поради тоа што Јан Рајт не играше, туку не настапија ниту стоперот Кион и Јон Јенсен во среден ред.

А Парма со Асприља, Ѕола, Бролин, Бенариво...

Европската јавност беше сигурна дека трофејот ќе замине во градот на млекарите, но финалето во Копенхаген покажа нешто друго.

Данците навиваа за Арсенал поради Данецот Јенсен во составот на тимот од Лондон. Парма имаше неколку сериозни шанси за гол, но на крајот Алан Смит го постигна единствениот гол по грешката на стоперот Лоренцо Миноти и Арсенал стана шампион во Купот на Купови:

 

*****

Следната сезона, интересно, Арсенал одново стигна до финалето на Купот на Купови но тогаш веќе Грем не беше на клупата. Шкотланѓанецот беше отпуштен во текот на сезоната. Подоцна работеше уште и во Лидс и Тотенхем но не направи значајни успеси.

До ново европско финале „топџиите“ ги водеше уште еден Шкотланѓанец, тренерот Стјуарт Хјустон.

Верувале или не, на тој 10. мај 1995 година во финалето на КК на „Паркот на Принцовите“, Арсенал изгуби 1-2 од Сарагоса со гол кој Симан го прими буквално од пола терен (да и ние се сеќаваме на Шаќири).

Потоа започна ерата на Венгер кој со Арсенал стигна до две европски финалиња но и двете ги загуби (Куп на УЕФА од Галатасарај и Лига на шампиони од Барселона).

Вечерва во големото финале на Лига Европа, Шпанецот Унаи Емери ќе се обиде по четврти пат (освои три ЛЕ по ред со Севиља), да го освои второто по ранг натпреварување и на Арсенал да му донесе европски пехар кој во северен Лондон се чека цели 25 години.