Поразот во Куп, Милан може да го плати со долго и неочекувано европско лето

Пехарот во италијанскиот Куп за Милан ќе беше на некој начин спас на сезоната, не само заради самиот трофеј, туку и безболниот пласман во Лига Европа. Вака се доведоа во ситуација со засилувања од 230 милиони да бранат шесто место, а имаат заебан распоред до крај.

Не била интересна и неисвесна во Серија А само битката за Лига на шампиони каде во игра се Рома, Лацио и Интер. Три екипи за две места водат жестока борба и за Лигата на Европа. Тоа се Милан 60 бода, Аталанта 59 и Фиорентина 57.
 
Џенаро Гатузо на 30 март имаше фантастичен учинок со Милан кој за три и нешто месеци успеа да го избутка на само 5 бода до 4-то место кое носи во ЛШ. Но Росонерите почнаа со формата топло-ладно и сега се наоѓаат во доста специфична ситуација која треба да ја решат во последните две кола од сезоната.
 
Со губењето на синоќешното финале останаа без трофеј и без директен пласман во ЛЕ за кој треба да се борат преку лигата, а тоа што Јуве го освои Купот, значи дека го отвори и 7-то место за Европа. За Милан тоа не е посакувано.
 
Таа позиција на која во моментов се наоѓа Аталанта не носи директен пласман, туку квалификациски кола за ЛЕ и тоа три. Тоа значи дека ако Милан заврши на тоа место целосно ќе си ги искомпликува летните планови.
 
 
Сезоната 2018/2019 би им почнала уште на 26 јули за кога е закажано 2-то квалификациско коло и би играле еден двомеч плус за разлика од лани. Проблемот е што во истиот период Милан закажано три пријателски средби во САД со Манчестер Јунајтед, Тотенхем и Барселона.
 
Натпревари како дел од летните подготовки кои им се важни и за маркетинг и за полнење на касата. Ако не успее да го освои шестото место, ќе треба да ја откаже таа планирана програма и порано да почне со подготовки за тие квалификациски средби.
 
Зошто ќе биде тешко да се зачува таа шеста позиција?
 
Затоа што до крај играат токму со двете екипи кои им се директни конкуренти за истата.
 
Претпоследно коло: Аталанта - Милан, Фиорентина - Каљари
Последно коло: Милан - Фиорентина, Каљари - Аталанта
 
А и Сампдорија математички е со шанси за ЛЕ.
А колку само ветувачки делуваа. Си поигруваа со Баерн, се шетаа релаксирано во Скопје, а големи ентузијасти им беа и навивачите.
 
За седумкратниот европски првак 2018/2019 ќе биде петта сезона по ред како не игра во Лига на шампиони.
10 мај 2018 - 14:18