Ако денеска сте поминале низ центар на улица „Македонија“, освен на стандардните кафеџии ќе сте налетале и на дваесетина момци со бели маички на кои стои амблемот на Милан.
Славните Винченцо Монтела, Леонардо Бонучи и компанија направија неочекувана прошетка во центарот на Скопје и ја посетија спомен куќата на Мајка Тереза.
Кој би рекол? Во Скопје низ годиниве гостуваа Ливерпул, Лацио, Болтон, Парма, Рома, за Супер Купот се истопорија Реал и Манчестер, ама никој не мрдна од соба. Манчестер Јунајтед на пример кога пристигна пред хотел новинарите го снимаа од 50 метри и тоа преку ограда.
Времето фино и сончево, хотелот блиску, резултатот 6:0 и зошто да не се направи ваков кул потег со кој само докажуваат дека пред сè и тие се луѓе и не им требаат желки да ги чуваат околу нив. Тој што ги начека и побара селфи, си доби.