Кинезите не чекаат ни секунда. Веднаш го возвраќаат нападот. Така беше и во случајот со генералниот менаџер на Хјустон Рокетс, после чиј краток твит за Хонг Конг и Кина, настрадаа многу богати договори за целата НБА лига и франшизите.
Така и сега по објавениот твит на Месут Озил.
Државниот тв канал CCTV (носител на правата за Премиер лига на територија на Кина), го суспендираше преносот од мечот Арсенал - Манчестер Сити, а Озил буквално го избришаа од се: му фрлаа дресови, му ги блокираа социјалните мрежи, го распуштиле фан клубот М10 (околу 30.000 Кинези членови) итн.
Претставник на кинеското Министерство за надворешни работи, Ген Шуан кажал дека фудбалерот просто слепо поверувал на непроверена информација: „Јас не знам, дали мистер Озил лично го посетил Синџјанг, но очигледно е доведен во заблуда со фејк вести. Ако мистер Озил има таква можност, ние со задоволство би го виделе во Синџјанг, за да може со свои очи да види сè“.
Реагирале не само државни институции, туку и приватни фирми. Кинески навивач на Арсенал на страната Weibo, аналог на Твитер во Кина, постирал видео на кое го фрла дресот од Озил во канта за ѓубре. Во коментари стотина навивачи напишале дека ќе го направат истото. Некои постирале фотографии со Озил и натпис „какво разочарување“.
Настрадал и Арсенал, кој и онака долго време мака мачи со Озил кој воопшто не се залага на теренот и навивачите неуспесите на екипата ги асоцираат со него.
Арсенал е забранет да се споменува во кинеските медиуми се додека управата на овој клуб не се извини јавно за твитот на Озил.
Извинување уште нема, но по кратка реакција клубот се оградил.
„Тоа е лично мислење на Месут. Арсенал секогаш бил и ќе остане аполитична организација“, изјавиле претстаници на „топџиите“ во интервју за Дојче Веле.
Океј ако е така, но дали навистина е така?
На 12 декември, бекот на Арсенал Ектор Белерин на Твитер ги повикал Британците да гласаат - а твитот му завршил со хаштагот #FuckBoris (премиерот на Велика Британија Борис Џонсон кој убедливо победи на изборите).
Арсенал не ги коментирал овие зборови на својот фудбалер. А во 2018 година на официјалниот клупски сајт се објавило и интервју со Белерин, во кое Шпанецот ги обвинил колегите за тоа што молчат на социјалните мрежи за социјални проблеми и барал граѓанска одговорност.
Година дена претходно, Арсен Венгер како тренер на клубот агитираше за Емануел Макрон на претседателските избори во Франција. Арсенал ни тогаш не се оградил.
„Бизнис интересите одат пред слободата на говор и човековите права“, вели претставник на Arsenal Supporters' Trust.
Очигледно дека во Арсенал се плашат да не си пукаат во нога како што беше во НБА која изгуби околу 4 милијарди долари поради еден твит на генералниот менаџер на Хјустон Рокетс, Дерил Мори. Според шангајската компанија Mailman, Арсенал во 2018 година бил на високо 7-мо место на списокот најпопуларни европски клубови на платформата Weibo.
Последните 5 години клубот моќно се ширеше на кинескиот пазар. Во 2014 година клубот поптишал договор со Huawei, после имал партнерски договор со мобилниот провајдер BNN Technology. Во 2017 година Арсенал во Кина одржа и пред-сезонска турнеја а во април 2018 потпиша договор со кинескиот авто-концертн Byd. Годинава им честиташе и Кинеска Нова година на навивачите.
How about celebrating #SpringFestival with @Arsenal? Eat dumplings and praise "haochi"(delicious) with Iwobi, play mahjong with Monreal, and don't forget to ask for red envelopes from Emery ... pic.twitter.com/NSbFyhJ9xl
— China News 中国新闻网 (@Echinanews) January 30, 2019
А кинескиот пазар е важен не само за Арсенал, туку и за цела Премиер лига: договорот со државниот канал CCTV и носи на Премиер лигата 564 милиони фунти за 3 години!
Притоа, Вулверхемптон и Саутемптон имаат кинески сопственици, Манчестер Сити продаде 13% од акциите на кинеска инвестициска компанија, а Манчестер Јунајтед пушти во промет специјални дресови за Кинеска Нова година.
Ројтерс соопшти дека и Премиер лигата одбила да коментира.
„Арсенал западна во незавидна положа: ако застане на страна на Кина ќе го навлече на себе гневот на многу навивачи од светот, а ако го поддржи Озил може да го изгуби бизнисот. Ако клубот не ја поддржи позицијата на Кина, неизбежно е дека ќе западне во режим на ограничување“, вели Сајмон Чедвик, професор по спортски менаџмент на Универзитетот Салфорд и експерт по кинески фудбал и бизнис.
Едно е сигурно, Озил сигурно изгуби многу следбеници меѓу Кинезите, но доби многу во ујгурскиот регион Синџјанг.