На 21. мај 2008 година во Москва се играше финалето на Лигата на шампионите пред 84.745 гледачи. Играа две англиски екипи, за првпат во историјата на ова натпреварување, Манчестер Јунајтед и Челси. На крајот славеше Јунајтед на пенали 6-5.
Седум години подоцна, на англискиот фудбал му стигна сметка за очајната сезона во Европа. За втор пат во последните три сезони, ниту една екипа од Островот нема да игра во завршницата на ЛШ и ЛЕ. Од 2008-ма до денес, само еден голем успех, оној на Челси со Ди Матео во 2012-та против Баерн. Две загубени финалиња на Манчестер Јунајтед во 2009-та и во 2011-та.
Причините во кои треба да се бара стрмоглавиот пад на англискиот клупски фудбал:
1. Падот на Манчестер Јунајтед
По 20 успешни години со Сер Алекс Фергусон, „Црвените Ѓаволи“ тргнаа во спротивна насока. Манчестер два пати ја освои ЛШ во 1999 и во 2008, а потоа загуби две финалиња во 2009 и 2011. Падот на Ред Девилс не смени многу ниту кај нивните комшии, Манчестер Сити кој е добар во првенството но очаен во Европа.
2. Квалитетот на шпанските клубови
Во 2009-та година се случи пресвртот. Во финалето на ЛШ во Рим на 27 мај, Барса на Гвардиола го порази Манчестер Јунајтед. Барса славеше и во 2011-та, а во 2014-та се играше шпанското финале кога Реал ја освои десеттата титула во ЛШ. Во последните шест години, тандемот Реал Мадрид - Барселона елиминираше дури седум англиски екипи.
3. Кошмарот Баерн
Враќањето на германскиот фудбал на врвот има само едно име: Баерн Минхен. Баварскиот гигант од 2009-та до денес од Лигата на шампионите избрка пет англиски клубови. Челси на 19 мај 2012-та го совлада Баерн Минхен во финалето на Алијанц Арена и тоа беше единствен голем триумф на англиска екипа во ЛШ во последните неколку години.
4. Уморот
Тешката и напорна сезона во Премиер лигата е предмет на дебата во англискиот фудбал. Во Германија и Франција зимската пауза трае подолго, исто е и со Италија и Шпанија кои пократко паузираат. Во Англија пак, од 26 декември до 1 јануари секоја година се играат дури три кола. Сепак, одговор на тоа даде Пол Сколс кој вели дека во 1999-та година, Манчестер Јунајтед одиграл 63 натпревари, освоил тројна круна и ниту еднаш не кажал дека е уморен.
5. Нема играчи од светска класа
Најдобрите светски фудбалери не играат во Англија: Роналдо, Меси, Бејл, Нејмар, Суарез, Робен, Рибери, Кавани, Тевез. Премиер лигата е најбогата, но светските ѕвезди не играат таму. Најдобриот стрелец, Серхио Агуеро во ЛШ не е ниту бледа сенка од оној Агуеро во Премиер.
6. Начинот на игра
Странските тренери само делумно го сменија типичниот англиски стил на игра. Единствено Арсенал игра европски фудбал, Манчестер Сити не успеа против Барселона, а Челси игра по нотите на Мурињо (знаеме какви).
7. Ограничена младинска школа
Само пет англиски репрезентативци беа првотимци на последните натпревари од ЛШ за нивните клубови. Џо Харт, Џејмс Милнер, Тери, Кејхил и Велбек играа за Сити, Челси и Арсенал во реваншите неделава. Очигледен проблем е недостатокот на фудбалери од сопствените школи, за кои богатите шеици немаат доволно трпение и време.
Пласманот на англиските фудбалски клубови во Европа од сезоната 1995-1996:
- Ливерпул на 26. февруари испадна од ЛЕ. Откако завршија трети во групната фаза на ЛШ, „Црвените" испаднаа од Бешикташ на пенали во ЛЕ.
- Тотенхем испадна во иста вечер со Ливерпул, откако загуби 2:0 од Фиорентина во Италија.
- Челси испадна на 11. март во осмина-финалето на ЛШ, кога ПСЖ со играч помалку им даде два гола во финишот и ги елиминираше.
- Арсенал испадна пред три дена од Монако на гости. Иако славеа 0:2 Топџиите не ги надоместија трите голови примени на домашен терен.
- Манчестер Сити загуби на 18. март од Барселона на Камп Ноу. Претходно Сити загуби и на Етихад.
- Евертон на 19. март беше декласиран со 5:2 од Динамо Киев.