Овации, шпалир и солзи: Сантијаго Бернабеу им се поклони на Анчелоти и Модриќ

Со двата гола на Мбапе, Реал Мадрид го совлада Реал Сосиедад 2:0 и ја заврши сезоната на втората позиција. Емотивно збогување со Карло Анчелоти, Лука Модриќ и Лукас Васкез.

Хрватскиот Моцарт меѓу Кралевите мина 13 години, кои во бројки изгледаат вака: 590 настапи, 43 гола, 95 асистенции и 28 трофеи од кои 6 во ЛШ. 

Плус во 2018-та ги собра трите најпрестижни индивидуални награди: Златна топка, најдобар играч во светот според ФИФА и најдобар играч на Мундијалот. Великан кој ќе фали во фудбалот.

Лука Модриќ заминува од Бернабеу како најтрофеен играч во клупската историја и легенда почитувана од секого. Последните натпревари за Реал ќе ги одигра на Светското клупско првенство во САД во јуни и јули.

Ако Хрватот е најтрофеен играч, Карло Анчелоти е најтрофеен тренер на Реал Мадрид со 15 трофеи.

Италијанскиот стратег го водеше кралскиот тим во еден од најуспешните периоди во нивната 123 годишна клупска историја.

Освои 3 Лига на шампиони, 3 Светски клупски првенства, 3 европски Суперкупа, 2 титули во Ла Лига, 2 пехари во Кралскиот Куп и 2 Суперкупа на Шпанија. 

Заминува со 250 победи на 353 официјални мечеви. Следниот предизвик му е селекторска позиција на Бразил.

Простување од мадридската публика имаше и Лукас Васкез кој заминува по 10 сезони и 400 настапи во кои освои импресивни 20 трофеи. 

Гостин им беше Тони Крос, човекот кој со Модриќ и Каземиро го сочинуваа триото во среден ред кое вечно ќе им остане во срцата на навивачите.

24 мај 2025 - 23:00