Беше кај „светците“ но ниту еднаш не беше светец. Ниту за еден ден, поточно. Напаѓачот е прав рокер, а понекогаш и панкер на италијанскиот фудбал. Не прифаќа никакви авторитети, каде и да играше се расправеше со соиграчите, тренерите и управата по секоја цена. Препукувањата на Твитер му се добро утро.
По караницата со Икарди, Даниел Освалдо по се’ изгледа ќе го напушти Интер, со што по трет пат сезонава ќе менува клуб, десетти во 10-годишната кариера.
Италијанецот со аргентинско потекло, прв пат почна да го покажува својот темперамент додека играше за Рома, кога се скара со Ерик Ламела, за кој изјави дека „се замислува дека е Марадона“. Приказната со Рома имаше добар почеток, но не и крај. Освалдо даде гол во дербито против Лацио и во стил на Франческо Тоти под дресот покажа маица со која ги прозва лацијалите.
И покрај добрите партии во дресот на волчицата, Освалдо никогаш не изгради добар однос со навивачите на Рома, особено после проблемите кој ги правеше околу изведувањето на пеналот против Сампдорија. Освалдо тогаш се инаетеше со Тоти кој да изведе и на крајот го промаши пеналот во Џенова.
После некој месец, доби црвен картон во финалето на Купот на Италија против Лацио, а Рома го загуби тој натпревар. Како да не му беше доста, па на Твитер постираше коментар со критики за тренерот Андреацоли. Таквото однесување го чинеше неиграње на Купот на Конфедерации со Италија и Рома одлучи да го продаде. Во летото 2013. година, Освалдо се појави на припремите на Рома и веднаш се скара со еден навивач. „Дадов 200 голови, што к.. повеќе сакате“? По тој настан стигна понудата од Саутемптон и Освалдо се пресели во Англија за 17 милиони евра, колку што платија „светците“.
Ниту таму не му одеше добро. Повеќе се караше, отколку што играше. Му даде гол на Манчестер Сити, но на следниот тренинг се степа со Жозе Фонте. Саутемптон го казни драстично и не сакаше повеќе да го види во составот. По само шест месеци, Освалдо повторно се најде на пазарот.
Модрото око на Фонте беше причина Освалдо повторно да се најде на трансфер-листата.
Јувентус го најаваи како големо засилување, а Освалдо на презентацијата се појави како Џек Спероу. Во идеалниот состав на Антонио Конте, немаше доволно место за Даниеле Освалдо. Итало-Аргентинецот немаше проблеми со соиграчите, а по голот против Рома во последното коло во 94’ минута, се сврте кон навивачите од Рим во стилот „нешто не ве слушам“... На крајот од натпреварот камерите го фатија како му вика на Конте „Немаат веќе желба да ме навредуваат, слушни ги“.
На крајот од сезоната Јувентус реши да не го откупи неговиот договор од Саутемптон (беше позајмен во Јуве), а Освалдо за првпат во кариерата остана во добри односи со навивачите. Поранешниот селектор на Италија, Чезаре Прандели не го повика за СП во Бразил минатото лето и Освалдо ги гледаше натпреварите на Италија од дома. По скандалозното судење на дуелот Бразил - Хрватска, напиша на Твитер „Среќен сум што не сум дел од оваа фарса“.
Како и секогаш, на почетокот на нова авентура, се’ беше во ред. Така почна и во Интер, каде минатото лето дојде на позајмица од Саутемптон, со опција договорот да биде откупен. Интер за него плати 7 милиони евра. Освалдо не играше многу кај Мацари, а и често се повредуваше. Но тоа не беше најголемиот проблем. Освалдо во дресот на Интер на Олимпико даде гол против Рома, и повторно ги провоцираше домашните навивачи. По доаѓањето на Манчини, Освалдо играше уште помалку.
На дербито против Јувентус заигра Подолски во нападот со Икарди, а Освалдо влезе на осум минути пред крајот од дуелот и веднаш направи проблем со Мауро Икарди. Интер не остана нем на неговото однесување и во моментов тој е се’ подалеку од првиот состав на Роберто Манчини. Тој што би го купил (се зборува за Торино), ќе биде неговиот четврти тим во две години.
Даниел Освалдо можеби е ризик за потенцијалниот купувач, но со головите кој ги дава, вреди да се ризикува со негов ангажман.
Фантастичните погодоци на Освалдо: