Борци против модерниот фудбал

Остерсунд - клубот кој “без историја и идеи“ ја освои Европа

Самите за себе велат дека немаат историја, традиција, култура и ниту пари за привлекување играчи. Но тие најдоа метод поразличен од другите, а тој им помогна од четвртолигаш да стигнат до топ 32 во Лига Европа.

Остерсунд е посебна приказна за себе кој со нетипична формула успеа да се прослави на стариот континент и да оствари сензационални резултати во кои веројатно не верувале и тие самите. Во географскиот центар на Шведска се наоѓаат на изолирано место познато на остатокот од земјата како “нагоре во планините на север“.
 
Во 2010-та година беа дел од најнискиот четвртолигашки фудбал во Шведска и без визија и идеја, во земја каде доминираат зимските спортови се обидуваа да стигнат до некаков фудбалски успех.
 
Клубот базиран на 385 километри од Арктикот успеа да стигне до елиминациска фаза против еден Арсенал на кој по поразот на домашен терен од 0:3, му се закани со два гола за две минути.
 
Траекторијата на клубот се промени пред шест години кога Даниел Киндберг седна на претседателската фотелја. Тој заедно со новоименуваниот англиски тренер Грем Потер смислија нови идеи и целосно ја променија воспоставената рамка, опишувајќи го нивниот пристап со зборот “eljest”, збор кој во северна Шведска значи “да се биде различен“ - на добар начин.

„Бевме испаднати во четврта лига, најниската во која може да одиш. Имавме неколку играчи, без тренер, без вработени и без идеи. Почнавме со анализа на фудбалскиот свет и дојдовме до заклучок дека ако сите го тренираат истото, го организираат истото и ако ние го правиме тоа, ќе завршиме само со играње фудбал и ќе бидеме точно каде што не носат парите, а ние немаме пари. Остерсунд мора да биде различен, бидејќи ние немаме историја, традиција, култура и ниту пари за привлекување на играчи. Затоа ги баравме оние кои се отфрлени, оние за кои конвенционалниот фудбал вели: Не, не, не, тој не е доволно добар“, објаснува Киндберг.
Затоа клубот реши да отвори Академија за култура за играчите и вработените во клубот да ги стави надвор од зоните на удобност. Академијата вклучува задолжителна уметничка работилница каде има танцување, поезија, пеење..., а целта е тие да изградат самодоверба и храброст и со тоа клубот да стане една заедница која ќе функционира како семејство.
„Луѓето тука се многу горди. Ние сме големи во спортот, повеќето со лизгалки и скии, но сега секој е фан на фудбалот“, вели претседателот на Остерсунд.

Што успеаа да направат од 2010-та до вчера?
 
Од четврта стасаат до прва лига, а додека Вардар ги елиминираше фаворитите Копенхаген и Фенербахче, Остерсунд ги легна на колена Галатасарј и ПАОК и за прв пат во историјата влезе во групната фаза од Лига Европа.
Тоа не беше нивниот максимум. Овој невообичаен клуб со буџет помал од Вардар направи уште една сензација. Заедно со Атлетик Билбао ја минаа и групната фаза каде беа елиминирани Херта и Зорја.
 
Од меѓународната сцена се простија на најдобар можен начин, со победа против Арсенал на гости од 1:2.
Репортажа за хероите во ЛЕ и борците против модерниот фудбал.

23 февруари 2018 - 12:56