Без неколку првотимци меѓу кои капитенот Пандев, Адеми, Алиоски и Столе Димитриевски кои добија заслужен одмор, Македонија освои нови 3 бода и го задржа првото место во својата група во Лига на нации.
Со овој триумф нашата селекција е лидер и чека на исходот меѓу Грузија и Ерменија за во последното коло да го завери пласманот во повисок ранг од второто издание на Лига на нации.
Средбата со Естонија пред празни трибини во Скопје помина без многу прилики пред двата гола.
Прва се затресе мрежата на гостите. Во 25' минута Иван Тричковски постигна гол но судијата го поништи поради офсајд. Она што му успеа на Тричко во таа ситуација, му појде од нога само 4 минути подоцна кога го отвори резултатот
После 180 секунди еден од најдобрите стрелци во кипарското првенство за малку одново ќе го матираше гостинскиот голман Хајн кој овојпат беше прибран и одбрани.
Првите 45 минути завршија со обидот на Сапинен кој итро проба со лоб да го совлада Дамјан Шишковски, но топката отиде над голот.
Неколкуте промашени шанси на Македонија во првите 45 минути, Естонија ги казни во 52' минута преку нивниот најактивен фудбалер вечерва, Сапинен кој со ефектен гол го израмни резултатот по една неумесна реакција на Дарко Велковски пред нашиот шеснаесетник:
По израмнувањето на гостите со кои ремизиравме пред извесно време во Талин (3:3), селекторот Ангеловски реши да го освежи тимот и во игра ги стави Костадинов и центарфорот Влатко Стојановски.
Офанзивниот ред доби на острина а паралелно со тоа и шансите на нашите репрезентативци се редеа од напад во напад. Карл Хајн бранеше одлично се до 68' минута кога Влатко Стојановски, на страшна асистенција на Елиф Елмас покажа дека за него сериозно мора да се размислува на Европско следното лето.
Ова беше втор гол во националниот дрес за Стојановски.
До крајот од мечот играта на Естонија изгуби на интензитет, а избраниците на Ангеловски имаа неколку убави можности по трет пат да се радуваат на гол во мрежата на гостите, но конечниот резултат остана 2-1.
Македонија во групата 2 во Лига Ц има 9 бода, три повеќе од второпласираната Грузија и пет повеќе од третата Ерменија. Во последното коло од второто издание на турнирот, на 18 новемри нашите јунаци на неутрален терен на Кипар ќе играат со Ерменија кога треба да го завериме пласманот погоре.