Атлетико Мадрид беше пред уште еден слаб резултат во Ла Лига, а Диего Симеоне се соочи со проблем откако до 62’ минута ги направи сите три замени па немаше кој да го смени повредениот Диего Годин.
Во 64’ минута уругвајскиот капитен го повреди бутниот мускул во еден дуел со шпицот на Билбао Ињаки Вилијамс и реши да остане на теренот. Речиси секој друг фудбалер би излегол од игра но не и војникот на Чоло.
32-годишниот Годин дури и ја смени позицијата, во финишот од мечот Симеоне го префрли во напад. И тоа му се исплатеше. Во 91’ минута од мечот Уругваецот после едно нафрлање во противничкиот гол со глава ја заби топката во мрежа а при прославата на голот кривеше.
„По спринтот со Вилијамс почуствував остра болка. Се спремав да излезам од игра, ја извадив лентата да му ја дадам на Гризман, но се испостави дека немаме веќе замени. Тогаш Чоло ми кажа да одам во напад.
До крај остана уште малку време и помислив дека можам да и помогнам на екипата. Сега ме чека пауза, можеби 20 дена или месец. Го знам своето тело, затоа правев помалку движења да не ја влошам повредата“, заклучил Годин после мечот на кој му донесе голем триумф на Атлетико Мадрид.