Илија Несторовски им оддолеа на понудите кои фрчеа за него од поголеми клубови и потпиша нов договор за второлигашот Палермо за кој се обврзува до 30 јуни 2021-ва година.
Информацијата утринава ја пренесе Газета дело Спорт, повикувајќи се на официјалното соопштение на клубот во кое Несторовски се заблагодарува за продолжувањето на соработката.
„Среќен сум и задоволен за продолжувањето на мојот договор со клубот кој ми даде доверба, ми дозволи да играм во Серија А и ми ја пружи честа да станам капитен на екипата. Му благодарам на Маурицио Ѕампарини и цело раководство и како што секогаш велев, сакам му да се оддолжам на овој клуб со враќање таму каде што му е местото. Се разбира во Серија А“.
Откако македонскиот напаѓач растури во Хрватска за Интер Запрешиќ со 69 гола на 90 меча, минатото лето го привлече вниманието на италијанскиот прволигаш Палермо.
Тој уште во првата сезона блесна со својот голгетерски инстинкт кој беше забележан од цела спортска јавност во Италија и постигна 11 голови. Медиумите го споредуваа со Пипо Инѕаги, а по одличниот настап против Италија на Градски, честитки за неговите игри пристигнаа и од Костакурта.
Палермо не успеа да избори опстанок и сега се наоѓа на лидерската позиција во Серија Б, а Несторовски кој во Италија го доби прекарот „Нестогол“ е втор стрелец во лигата со 9 гола.