Костакурта го величи Несторовски, а Наполи, Лацио и Фиорентина го следат

Италијанските новинари синоќа по мечот во микс зоната “трчаа“ по Горан Пандев, а тој го испофали Илија Несторовски и изјави дека кога излезе Иле од игра биле малку изгубени. Статистиката 5 од 5 и чувството за гол почнаа да му прават проблеми на Ѕампарини да го задржи во Палермо.

По голот на Илија Несторовски против Израел, новинар на возраст од преку 50 години од оваа земја кој ни рече дека пишувал и за британски медиуми, во новинарската ложа ни се обрати со следниве зборови:

„Овој гол што го даде вашиов напаѓач кој игра за Палермо не се дава така лесно и за тоа треба многу тренирање. Такви голови даваше Ван Нистелрој во Манчестер Јунајтед“.

Затоа не е случајно што денеска најспоменувано македонско фудбалско име во италијанскиот печат е токму Несторовски, за кого пишуваат дека уште пред да дојде во Серија А има бројки за како што велат тие „бомбер“, а тоа се 69 гола на 90 средби.

Легендата на Милан, Алесандро Костакурта кој во моментов работи како стручно лице во Скај Спорт го пофали македонскиот напаѓач:

„Мислам дека Несторовски е потценет. Знае добро да ја контролира топката, знае да шутира и лево и десно. Одигра убаво вчера, но и ние сме криви што му дозволивме“.

Коментар за него имаше и неговиот партнер од нападот кој со солзи го напушти теренот и кој изјави дека не може да си објасни како може на три меча по ред Македонија да создава игра и пак да губи.

„Ова е навистина фрустрирачки, одигравме голем меч против Италија, ставајќи го во пракса тоа што го вежбавме преку неделата и пак ништо. Излегувањето на Несторовски многу ни делуваше. Се работи за голем напаѓач кој знае како треба да даде гол, да направи асистенција и со него тимот може да воздивне. По неговото излегување бевме малку изгубени“, изјави капитенот Пандев.

Напаѓачот на Палермо го измами Бонучи, играч кој летоска можеше да направи трансфер во Манчестер Сити за 60 милиони, потоа откако си направи простор ја бутна топката зад грбот на еден споменик како Џиџи Буфон, е само еден од описите на неговиот гол во италијанските медиуми.

И како капак на сите позитивни критики за Несторовски, Калчомеркато, сајт специјализиран за трансфери пишува дека Наполи, Лацио и Фиорентина со интерес го следат Македонецот. Поради слабите натпревари на Филип Џорџевиќ, Лацио бара партнер во нападот за Чиро Имобиле.

За Иле пофалби стигнаа и на официјалниот Твитер акаунт на УЕФА која излезе со статистиката дека на последните 5 меча за клуб и репрезентација има постигна 5 гола.

Кој знае што ќе пишуваа ако влезеше ова во гол

10 октомври 2016 - 15:49