Весниците во Италија се полни со наш Иле кој го споредуваат со Инѕаги, Икарди и Перишиќ

Ако на македонската фудбалска репрезентација и фали нешто во составот, тоа сигурно е расен стрелец на кој може да сметаме дека шансите за гол нема да ги остави неискористени. Газдата на Палермо вели дека за да реализира 10 гола на Несторовски му требаат 10 асистенции.

На Палермо му требаа 5 кола за да ја запише првата победа во Серија А која се случи синоќа со гол во 89-та минута. Нас тоа не прави горди бидејќи им ја донесе наш човек кој во Бергамо против Аталанта со еден потег покажа како чувство има за гол.

По Панчев, Пандев, Ибраими и Трајковски со кој се надеваме дека сезонава ќе ги видиме како тандем во нападот на Палермо, Илија Несторовски е петтиот Македонец со настап и гол во Серија А. Еуфоријата која утринава се дигна околу него во италијанските медиуми откако му ги донесе на Палермо првите три бода е голема и потсеќа на почетоците на Пандев кој пред десетина години почна да ги полни мрежите во Италија.

Иле синоќа го совлада голманот на албанската репрезентација Етрит Бериша кој сезонава брани како позајмен играч во Аталанта од Лацио. Освен во Серија А, да не надеваме дека топката од гол Бериша ќе ја вади и во Скопје, кога ќе биде реваншот меѓу Македонија и Албанија.

Ви пренесуваме дел од написите и извадоци од весниците и порталите кои го величат нашиот Несторовски кој е роден во Прилеп во 1990 година.

„Илија Несторовски секогаш зборува со јазикот на фудбалот. Во Хрватска три сезони по ред беше најдобар стрелец за екипата на Интер Запрешиќ, најпрво со 20, па со 24 и лани со 25 гола“.

„Ме направи среќен, бидејќи сите мислеа дека може да даде еден или два гола. Го покажа тоа што го знае. За да реализира 10 гола на Несторовски му требаат 10 асистенции. Има карактеристики на автентичен напаѓач и може да биде главна точка како Икарди, кој кога дојде во Италија го сметаа за мекуш“, изјави претседателот на Палермо, Маурицио Ѕампарини.

„Постигна прв, а потоа и втор гол во дресот на Палермо и во клубот имаат даваат целосна доверба во него. Тоа го потврди и Ѕампарини кој кога го донесе во август зборуваше дека има сличности со Пипо Инѕаги“.

„На Палермо му требаа 5 меча за да се израдува на победа и тоа го направи на најдобар можен начин, против директен конкурент, на гости, благодарение на најкритикуваниот играч во последните недели кој постигна два гола за три дена. Македонецот е симбол на овој тим кој ги издржа критиките и удри кога е најпотребно. Овој пат на крај на мечот со волеј од корнер како “бомбер“

„Несторовски игра добро, има желба и “глад“. Треба да се подобри како и сите други во тимот. Во Палермо потребна е волја за да има подобрување, во спротивно ништо не сме сфатиле. Несторовски треба да ја брка топката бидејќи во шеснаесетник има природна дарба за голови. Луциден е и лукав, но не е само шеснаесетникот во прашање. Тој може да игра уште подобро“, изјави тренерот на Палермо Роберто Де Ѕерби.

22 септември 2016 - 12:24