Нескротливиот кавгаџија Фаустино Асприља

Ако се занимаваме со рангирањето на приоритетите во животот на Тино Асприља, тогаш фудбалот би завршил некаде на петтото место - зад жените, ноќниот живот, коњските трки и оружјето.

Во центарот на вниманието Асприља се наоѓаше кога фудбалот и тоа како се разликуваше од денешниот кога најголемите ѕвезди не беа во центар на вниманието поради рекламите за долен веш. Во деведесетите години од минатиот век, Марадона и Каниџа беа познати по опивањето, дрогирањето и многуте жени, а Колумбиецот се прослави и по тоа што сакаше да припука со оружје. 
„Луѓе, па јас едноставно сакам оружје“, им кажал Фаустино Асприља на новинарите јасно и гласно во 2008. година кога го прашале зошто толку пати е вмешан во инциденти во кои се пука со пиштоли.
Првпат на прославата на новата 1995. година, само половина година по смртта на Андрес Ескобар, период во кој цела Колумбија го оплакувала миленикот на нацијата. Асприља пукал од нерегистриран пиштол, по што најчитаниот колумбиски весник El Tiempo на насловната страна објавил „Асприља има фантастичен дриблинг, но не е добар граѓанин и затоа не може да биде идол на нацијата“. 

Пет месеци подоцна, Асприља е осуден на една година условно и во следните две години морал еднаш месечно да се јавува во колумбискиот конзулат во Италија.
 

Што се однесува до жените, Асприља не е исклучок од фудбалерите чијшто живот е зачинет со убавици. Во Италија легендата вели дека додека играл за Парма ги пратил жена му и децата дома, за да може да ужива во друштво на скапоцените проститутки. Во исто време Асприља блескаше на фудбалските терени, така што управата на Парма не можела да го казни и покрај многуте пријави за пијан фудбалер во раните зори.

Што се однесува до „неоправданите", Асприља е неприкосновен на таа листа. Недоаѓање на тренинзи, натпревари, напуштање кампови и казни поради непрофесионализам, листата е долга.

Во летото 1992. година потпиша со Парма, а Млекарите набрзо сфатија со каква будала имаат работа. По учеството на ОИ во Барселона се вратил во Колумбија и за три дена направил пет сообраќајки. Парма во 1993. година го играше финалето на Купот на куповите против белгискиот Антверпен, а Асприља не се појавил на Вембли под изговор дека го исекол стопалото откако дома згазнал на скршено шише. Неколку години подоцна, Колумбиецот ја откри вистинската причина за отсуството од финалето.

„Еден возач на автобус ми ја удри колата. Излегов веднаш за да стигнам до него, но ми ја затвори вратата. Тогаш автобусите имаа големи сигурносни врати, а мене ногата ми пројде низ стаклото кога се обидов да ја шутнам вратата. Се исеков додека ја вадев ногата. Многу бев бесен и среќа што не го фатив возачот".

Истата година ја напушти репрезентацијата на Колумбија пред квалификацискиот меч против Аргентина. „Не сакам да седам на клупа, тоа ми штети за имиџот", изјавил Асприња по што претседателот на сојузот, Белини доживотно му забранил да игра за репрезентацијата. Подоцна Асприља во солзи ѝ се извини на нацијата и му ја укинаа суспензијата. 

Одличниот напаѓач мораше да се извинува и во Парма во 1995. година, кога после неколку слаби натпревари изјави дека за сè е крив тренерот Невио Скала. Клубот го казни 27.000 долари а бесниот Асприља порача дека веќе никогаш нема да игра за Парма.

Екцесите ги продолжил во дресот на Колумбија, каде често доцнел на собирите поради коњските трки, а не се чекаше долго до новиот инцидент. На мечот против Парагвај со глава го нокаутираше легендарниот голман Чилаверт за кого изјави дека го плукнал. Го исфрлија од репрезентацијата на Мундијалот во Франција 1998. година затоа што не можел да се помири што го вадат од игра.

Фаустино Асприља после фудбалската, направи одлична кариера и во разните ријалити програми. Последна новост од него е дека дал 1.000 долари за оној што ќе го најде неговиот коњ Лукас, кој избегал од ранчот откако пијан другар на Асприља го одврзал.