Иако е познат по непочитувањето на кодексот на тренинзите и на натпреварите, незгодниот карактер на Балотели никогаш до сега не бил пречка, да не си ја заврши професионално работата од пенал ситуација.
Човекот кој постојано ги полни насловните страници на весниците поради одредена глупост која ќе ја направи, е мајстор за изведување пенали. До сега во својата кариера има изведено 17 удари од белата точка со 100% учинок.
Шест пати има погодено за Интер, девет пати за Манчестер Сити, еднаш за селекцијата на Италија, а последниот погодок му се случи на неделната средба против Удинезе, кога во деби настапот во дресот на Милан го реши натпреварот во 94 минута.
Иако досегашните негови дела како мавање со пикадо кон помладите клупски колеги или крадење нараквици, не покажуваат дека се работи за интелегентен фудбалер, италијанскиот напаѓач својата вештина ја објаснува на интересен начин.
„Тоа е игра на умови помеѓу мене и голманот. Јас во тој момент знам многу добро да го контролирам умот. Ако голманот се помрдне пред мене, тоа значи дека таа борба на умови ќе ја загуби", изјави Балотели.
Популарниот „Супер Марио" не потклекна ниту на провокациите на голманот на Борусија Дортмунд, Роман Вајденфелер кој во последните моменти од мечот од Лигата на шампионите во октомври минатата година, се обиде да го деконцентрира.
Неговата умешност за изведување пенали ја објаснуваат и психолозите кои сметаат дека освен големата доверба која ја поседува, навистина е фасцинантно како успева да го контолира мозокот во една таква ситуација, од каде што до сега промашувале голем број на многу поискусни фудбалери.
"Ако неговата стратегија за контрола на умот е преку гледањето за тоа како се движи противничкиот голман, тогаш тоа е вистинска и корисна психолошка алатка за него. Секој играч треба да има своја стратегија, како ќе настапи во една таква ситуација", смета докторот Коен.